Доктор Ненад Лазаров во неколку објави на Фејсбук реагира зошто за време на викенд има наламен број на тестови за време на пандемија.

-За каков “викенд” зборувате во време на пандемија, затворени граници, прогласена вонредна состојба и ограничено движење на луѓето?

Стопиравме сѐ, со цел да се фокусираме на здравство и спасување животи, а за време на викенд имаме намален број тестови?

Правиме скара, се трезниме па од понеделник продолжуваме со борба против пандемијава?- напиша доктор Лазаров.

Во претходната објава тој ја сподели графиката на неговите колеги Арбен Таравари и Беким Татеши бидејќи, како што рече, им верува на податоците кои се инпутирани од нив.

-Еве за ова зборувам, бројот на тестирања треба да се зголемува, а не да опаѓа, барем не сега во оваа фаза на епидемијата.
Штом намалуваме број на тестови на смешни 150 теста на ден, намалуваме и број на новодетектирани, што не е епидемиологија туку политика.

Во услови на субминимално тестирање, најави за “враќање во нормален живот”, отворање локали и намалување на рестрикциите се штетни, опасни и ќе донесат жртви. А не пак организирање избори.

Се оградувам, и како лекар и како човек.

Немам членска од Алијанса или било која партија, ја споделувам графиката на колегите Арбен Таравари и Беким Татеши бидејќи верувам на податоците кои се инпутирани од нив. Сината крива е број на нови случаи, портокаловата крива е број на направени тестови за истиот ден. Погледнете го наглиот пад на 26.04 по пикот во број на тестови на 24.04 и безмалку рамната линија потоа, преполовување…

Ако е така да нема пациенти сомнителни кои треба да се тестираат, лабораториските капацитети треба во полна пареа да почнат со скрининг на здравствените работници, веднаш.
Еве од матични лекари почнете, напиша Лазаров.

 

Доктор Ненад Лазаров