Европската Унија мора да признае дека земјите од Западен Балкан кои се стремат кон членство ја губат вербата во долгорочната стратегија за проширување на Брисел, влошена од првичниот неуспех на Унијата да обезбеди вакцини против Ковид-19. Тоа се нагласува во внатрешен документ во кој имале увид западни новински агенции.
„Треба да признаеме дека и покрај постојаната посветеност кон интеграцијата во ЕУ … луѓето во регионот доживуваат чувство на длабоко разочарување во процесот на проширување“, се вели во документот со датум од 5 мај од официјални претставници на ЕУ и испратен до 27-те министерства за надворешни работи на ЕУ.
„Перцепцијата со бавната испорака на вакцините против Ковид-19 во ЕУ дополнително го зголеми наративот на разочарување“, се вели во документот, кој, според западни новински агенции, бил подготвен за состанокот на министрите за надворешни работи во понеделникот, кои разговарале за Балканот, но не донесоа формални одлуки.
„Распространетата перцепција на Западен Балкан е дека перспективите за пристап се повлекуваат и дека европските инспирации се губат под сложен пакет услови и процедури“, се вели во внатрешниот извештај.
Унијата сега испраќа 650.000 дози вакцини од западно производство во шесте балкански земји, но само откако Кина и Русија дистрибуираа милиони од нивните дози во регионот.
Дискусијата во понеделникот за Западен Балкан беше првпат по две години Советот за надворешни работи да направи преглед на Западен Балкан.
Министрите за надворешни работи одлучија за принципите на поактивен политички ангажман со регионот, додека новиот состанок за конкретни предлози треба да се одржи пред летото, изјави високиот претставник на Унијата, Жозеп Борел.