Human Rights Committee
Office of the High Commissioner for Human Rights
United Nations Office at Geneva 8 – 14 avenue de la Paix 1211 Geneva 10 • Switzerland
ЖАЛБА
За заштита на повредени граѓански и политички права на човекот и граѓанинот гарантирани со меѓународни акти на ООН и со националното право

Од: Олгица Никола Трајковска
По националност Македонка, Репубика Македонија, 1000 Скопје,
Ул. „Вич“, 28/48
(моб.++389 2 75 246 665)

1. Мене, како човек и граѓанин, по основа на национална определба – Македонка, припадник на македонскиот народ во Државата Република Македонија (МК), членка на ООН (противправно преименувана во „Република Северна Македонија“), од страна на официјални државни органи и носители на државни функции на МК, уникатно во современата историја на Цивилизацијата, во 21. Век, потешко ми се повредени следните права гарантирани со меѓународните акти на ООН и со националното право на МК:

Правата на самоопределување, самоидентификација, достоинство, и рамноправност како IUS COGENS утврдени во членовите 1., 2., 8/ст.2, 18 и 26 на Меѓународниот договор за граѓанските и политички права на човекот и граѓанинот (што е во согласност со принципите и правата утврдени со Општата декларација за човековите права и други меѓународни акти (МА), како и во националото законодавство на МК: Со чл. 8./ал.2 на Уставот на РМ, Референдумите во МК од 08.09.1991. и 30.09.2018. и други наведни правни акти.

Првото на ефикасна судска заштита од повреда на гарантираните слободи и права на човекот и граѓанинот (утврдени во чл.2./точка 3 на Меѓународниот договор за граѓанските и политички права на човекот и граѓанинот (што е во согласност со чл.8 на Општа декларација за човековите права и други МА), како и во националното законодовство на МК: Со чл.50 на Уставот на РМ.
***
2. Правата од Точка 1. алинеа 1. на оваа Жалба ми се повредени со оневозможување на правото за мојата самоопределба како припадник на МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, со суштинско менување на мојот МАКЕДОНСКИ ИДЕНТИТЕТ, создавани природно, автохтоно и континуирано профилирани низ милениуми. Менувањето на идентитетот е извршено по неколку основи: По СОДРЖИНА (јазик, историја, национални симболи и сл), по ВРЕМЕ (протегање низ историјата), по ТЕРИТОРИЈА (во зависност од политичка творба- државната граница, негирајќи постоење македонско малцинство во соседна држава, каде за ист народ се утврдува различнен етнички идентитет), и по НАЗИВ ( со промена на Името на Македонската држава, паралелно и консеквентно се интервенира и во називот на нејзиниот конститутивен – македонски народ, со негово континуирано негирање, до степен на можно формирање нова, непозната нација, како „северномакедонска“).
Со тоа директно се навредуваат/понижуваат припадниците на македонскиот народ и нивното лично и национално достоинство, кои воедно, недопуштено се третираат нерамноправно со други народи во светот, како и со припадниците на другите етникуми во РМ (Албанци, Турци, Срби и мн. други) во чии идентитетски обележја и припадност не се интервенира, што е правилно и праведно!

2.1. Категориите „македонски НАРОД“ и „македонски ИДЕНТИТЕТ“, и нивните НАЗИВИ или СОДРЖИНА не се ниту правни, ниту политички прашања. Затоа, тие, не смее и не може да се дефинираат со правен или политички документ, па ниту да се менуваат, преименуваат или ограничуваат со акти од таква, или каква било друга природа, од која било власт или со кои било облици на одлучување. Народот и идентитетот не се ниту креација/дело/производ на политички – домашни или странски власти, ниту смее да биде предмет на нечие правно или политичко договарање (и според чл.46 од Виенската конвенција за договорно право). Името на народот и неговиот дентитетот е неприкосновена посебност која се наследува, негува, спонтано се гради и се пренесува на идни генерации, како цивилизациска придобивка, гарантирана како врвно право, еднакво за секој човек и ентитет на Планетата Земја, а кон кој идентитет – тој човек, по свое неприкосновено право, му припаѓа. Еднакво – колку и јас, како Македонка, на мојот македонски народ!
Прашањата во врска со народот и идентитететот може да бидат предмет само на научни истражувања, заштита и афирмација.

2.2. Противправното, директно и брутално менување на ИДЕНТИТЕТОТ, дури и спротивно на волјата на македонскиот НАРОД изразена на Референдумот од 30.09.2018., е своевиден и најопасен облик на противправно и насилно уништување на кој било народ – ЕТНОЦИД, како негова идентитеска смрт!. Оттука, оваа повреда/негирање на моето човеково и граѓанско право за самоопределување и идентификација, воедно претставува и мое индивидуално, лично и национално поништување, навреда на моето лично и национално достоинство, како и на правото на рамноправност како цивилизациски формиран национален ентитет и човечко битие со сите останати!

2.3. Повредите на правата од Точка 1. алинеа 1. на оваа Жалба, се извршени со следните противправни акти и дејствија:
-Спогодба (СПОГОДБА – Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ООН, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните (потпишна на 17.06 2018. во Преспанско, влезена во сила на 19.02.20191.)(ПД)
-Постапување на државни органи на РМ спротивно на резултатот од спроведен Референдум во МК за промена на Името и идентитетот од 30.09.2018.(Референдум), со бришење на називите „македонски“ на сите национали институции, со бришење и забрана на македонските национални симболи (дури и од шахти), со оневозможување на барања за лични документи или на попис на населението изјаснување припадност на македонскиот народ и мн. други примери…
-Уставни амандмани (особено Амандман 33. на Уставот на МК) спротивно на цитираните меѓународни правни акти (МА), на Референдумот и на Уставот на МК
-Уставен закон за спроведување на Амандманите на Уставот на МК (од 33. до 36.), со кој, е утврдено дека „македонскиот идентитет“, не претставува национална припадност туку исклучиво „државјанство“.
***
3. Правото од Точка 1. алинеа 2 од оваа Жалба ми е повредено со тоа што во РМ, спротивно на меѓунароните правни акти и нејзиниот Устав, мене, како човек и граѓанин, не ми е дозволена судска заштита од повреда на човекови слободи и права гарантирани со МА и Уставот на МК, конкретно и на правото од Точка 2. Алинеа 1. на оваа Жалба. Имено, во превземената постапка за заштита од повреда на правото, од Јавното обвинителство (ЈО) и од судските органи сум известена дека, јас како поединец – човек и граѓанин на МК, немам право да поведам судска постапка, односно, дека, спротивно на МА и Уставот на МК, – единствен правен и легитимен субјект надлежен за поведување судска постапка за овие повреди на правата е ЈО, кој што не е судски орган! Во случајов, на ЈО неосновано му се дадени судски надлежности, кој конечно одлучува дали постои повреда на правата кои се гарантирани за човек и граѓанин!
3.1.Правото на судска заштита од Точка 2.алинеа 2 на оваа Жалба ми е повредено со следните акти на ЈО и на судските органи во МК, кои се спротивни на МА и Уставот на МК:
-Известување на Основно ЈО
-Решение на Вишо ЈО
-Решение на Основен кривичен суд
-Решение на Апелационен суд ( кое е правосилно)
***
4. Сите МА кои се реферирани во оваа Жалба се ратификувани согласно Уставот на МК и се дел од нејзиниот правен поредок, во согласност со Уставот.
***
5. Изјавувам дека:
– Не сум повела и не водам друга постапка пред други меѓународни- органи и тела за повреда на правата од Точка 1. алинеа 1. и 2. на оваа Жалба.
– Сите правни можности за заштита на правата се исцрпени на национално ниво во МК ( што подолу, во Образложението и Доказите во прилог, се подетално објаснети и документирани).
***
6. Молам Советот, поради исклучителното значење и последиците од овие, до сега, во историјата на цивилизацијата незабележани повреди на основните, природни човекови права ( ius cogens!) кои претставуваат ЕТНОЦИД на цел еден НАРОД, кому јас, како поединец, по своја самоопределба/самоидентификација му припаѓам, што поитно да ги разгледа наводите и доказите во оваа Жалба и да ги превземе сите дејствија согласно своите надлежности во насока за нивно попречување и осуда.
***
7. БАРАЊЕ времена мерка:
Заради сериозни и ненадоместиви повреди на наведните права, барам СУСПЕНДИРАЊЕ од извршување на ПД.
.

О б р а з л о ж е н и е

1.Основни премиси:
1.1.
Името „Македонија“ е природно име, настанато пред милениуми, кое континуирано и непроменето се користи. Името не е утврдено со никаков правен или политички акт, ниту е утврдено по пат на нечие одлучување, па оттука ниту може со акт или одлучување да се менува.
1.2.
Употребата на Името „Македонија“ во името на Државата Македонија (МК) како современа творба во 1944. година е прифатено онака како што веќе пошироко е познато и признато име, со кое се именувала територијата на која доминантно, живеел македонскиот НАРОД со свои етнички обележја, а е изворно/автентично нотирано во безбројни архиви, автентични документи, авторски и фолклорни творби, како и во научни истражувања во Македонија и во европски, азиски и прекуокеански држави.
1.3.
Оттука и Името на националниот ИДЕНТИТЕТ – „МАКЕДОНСКИ“ е исто така природно настанат, граден и профилиран низ милениуми, кое е едновремено назив на неговите иманентни обележја: Македонски јазик, традиција, фолклор и сл. што е научно поткрепено како во Државата Македонија (МК), така и низ светот, на низа светски, кредибилни научни установи/институти/универзитети…
1.4.
Никаде и никогаш низ Светот, не е формирана друга држава под ова Име, освен оваа единствена македонска држава (МК), ниту некој друг НАРОД се самоидентификувал како македонски народ, освен овдешниов – македонскиот, независно дали се јавува како малцинство во соседни држави ( најбрутално етнички поделен 1913. год. во три држави) или е расселен низ светот, или е староседелски, автохтон народ на оваа постоечка Држава (МК).
1.5.
Никогаш, ниту македонскиот народ, ниту официјалната државна политика полагала есклузивно право дека античката историја врзана со македонството е во исклучива „сопственост и толкување“ на овој народ и Држава (МК). Особено поради проткајувањето на судбината со други народи и поделбите меѓу териториите и населението настанати насилно, а не природно според природни текови, потреби, култури, развој и самоопределување.
1.6.
Никаде, во меѓународното право, ниту во нечие национално право, оттука ниту во националното право на Државата Македонија (МК) е утврдена надлежност на некој орган или форма на одлучување да врши измена на Името на Државата (МК), како основа за менување на НАЦИОНАЛНИОТ ИДЕНТИТЕТ на еден народ, па оттука, ниту е предивена процедура за такво менување, кој природно (и во најголем дел) е содржан во името на Државата, односно, каде – Името на Државата (МК) природно произлегува од Името на националниот идентитет, а овој од името на нејзиниот народ, како што е македонскиот.
1.7.
Ниту Резолуциите на СБ на ООН, ниту Времената спогодба која произлегува од нив, не упатува на задолжителна промена на Името на Државата Македонија (МК), а уште помалку – на интервенции и менување на неспорниот македонски идентитет на македонскиот народ во неговата целосна идентитетска потентност. Напротив, овие документи упатуваат – ИСКЛУЧИВО на разговори ( не преговори!) за РАЗЛИКАТА ( еднинска форма!) околу Името „Македонија“.
1.8.
Спротивно на природното право, како и на меѓународното и националното право, на моралните норми и на цивилизациски вредности, со ПД, формално се извршени измени како на Името на Државата (МК), така и на идентитетот на македонскиот народ во сите негови аспекти, со што директно се повредува правото за самоопределба на народот и одделно на секој припадник на македонскиот народ, сегашни,починати и идните – неродени.

2. Хронологија

Воведни напомени:
По осамостојувањето на Државата Македонија, како рамноправна држава-членка на југословенската федеративна заедница, со официјално име „Република Македонија“, со Референдум (1991.), под притисок на РГрција дека нејзиното осамостојување ќе претставува „безбедносен проблем“, се издејствувани две Резолуции на СБ на ООН. Со нив се наметнува референца за нејзино именување во меѓународните односи („ПЈРМ“) и МК се задолжи – со РГрција да започне разговори околу разликата со Името „Македонија“. Воедно се наметна склучување Времена спогодба меѓу МК и РГрција за ова прашање, при што беше договорено овие разговори да не влијаат на евроатланските интеграции. Разговорите, под покровителство на претставник од ООН, траеја неколку децении. Меѓувреме, спротивно на Спогодбата, РГрција го попречи зачленувањето на РМ во НАТО условувајќи го со промена на Името, за што РМ поведе и доби судски спор пред Меѓународниот суд во Хаг, но без егзекутивна последица.
Користејќи ја својата политичка надмоќ како членка на НАТО и ЕУ и правото на консенсуално одлучување, и покрај повеќекратни позитивни извештаи за исполнетост на условите за зачленување, РГ, спротивно на сите норми на меѓународното право, го услови зачленувањето на РМ во НАТО и ЕУ цели 30 години, иако околу 130 држави во светот меѓувреме, ја признаа под нејзиното уставно име „Република Македонија“.
Патем, децении наназад, во РГрција, името „Македонија“ и сите негови обележја „македонски јазик, народ и сл“ биле со закон забранети, а Македонците, како припадници на македонското етничко (непризнаено) малцинство, биле казнувани ако се декларирале како Македонци или го зборувале македонскиот јазик, дури и во сопстените домови, или на улица. Непосредно пред осамостојувањето на РМ (1991.), во РГрција политиката за Името дијаметрално се менува (1988.) и почува жестока кампања за присвојување на Името под парола: „Македонија е грчка“.
Под исклучителен притисок на моќни сили и свои лични лукративни интереси, – октроираната власт во РМ, го склучи тнр. „Преспански договор“( ПД) со кој покрај во промена на Името, длабоко и недопушено се интервенираше во националниот ИДЕНТИТЕТ на македонскиот народ. Taka, прашањето за Името, од „безбедносно“ се претвори во „правно“ прашање, со сериозни формално-правно затемелени обележја на ЕТНОЦИД над македонскиот народ и сите негови припадници, меѓу кои и јас, како Македонка!
***
2.1.
Министерот за надворешни работи и Претседателот на Владата на МК, неовластено и противправно, со претставници на РГрција, (2018.) го склучија ПД за надминување на разликата во Името на Државата „Македонија“, со намера, НАВОДНО, да ги откочат евроатланските интеграции на МК и ги надминат, во име на добрососедство, низата долгогодишни политички тензии меѓу двете држави, согласно Резолуцииите на СБ на ООН (ДОКАЗ 2.1.)
2.2.
Меѓутоа, во ПД, покрај одредби за промена на Името на Државата, на 19 страници, се содржани низа одредби кои директно и суштински задираат во идентитетските прашања на македонскиот идентитет на македонскиот народ, и тоа во ВРЕМЕНСКО, ПОЛИТИЧКО, СОДРЖИНСКО и ТЕРИТОРИЈАЛНО значење и ограничување, но и ЈАЗИЧНО! Особено во членовите: 1, 7, 8 и др.на ПД, каде идентитетскиот назив/поим „македонски“ повеќеструко се ограничува/детерминира. Па така, во зависност од тоа дали еден Македонец, по род и потекло живее во РГрција или во МК, ќе има, односно ќе нема право да се идентификува како припадник на народ со свое неспорно и континуирано античкото минато на заедничка теритотија на која живеел, во континуитет, како македонски народ со свои македонски идентитетски обележја; македонскиот јазик се лоцира како творба од 1977. година, иако е научно кодифициран децении наназад врз основа на негово научно докажано милениумско постоење; се забранува користење македонски национални симболи за оние Македонци кои живеат во границите на МК, но не и за истите симболи на Македонците во РГрција, се ограничува, дури до забрана употребата на епитетот „македонски“ на национални/државни институции во МК и тн.
(ДОКАЗ 2.2.)
2.3.
Членови на Владата договорот го склучија и потпишаа ПД спротивно на Уставот на Државата, како во содржинска, така и во процедурална смисла, што е спротивно на закон и спротивно на меѓународното право ( конвенции и сл) кое е ратификувано од Државата и е дел од правниот поредок.
Имено, со Уставот е утврдено кој орган, за кои прашања и во каква процедура, може да склучува меѓународни договори, а тоа е Претседателот на државата, како и Владата на Државата, но кога е овластена и за прашања утврдени со Устав и закон и во каква процедура. За овие прашања, ниту Претседателот, ниту Владата е овластена со устав или со Закон. (ДОКАЗ 2.3.)
За жал, бројните иницијативи поднесени од различни субјекти пред повеќе години до Уставниот суд заради поништување на овој Договор, се чуваат во фиока.
2.4.
За Името на државата и договарање за ИДЕНТИТЕТСКИ прашања во било каква содржина и обем – нема предвидено таква надлежност. Особено што ПРАВОТО на САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ спаѓа во категоријата на ПРИРОДНИ ПРАВА /апсолутни права ( ius cogens), за кои не е одзволено договарање, а тоа, само по себе претставува своевиден идентитетски геноцит – ЕТНОЦИД!
(ДОКАЗ 2.4.)
2.5.
Согласно Уставот на РМ, ПД влегува во сила после неговата ратификација со закон од Собранието на Државата, а законите влегуваат во сила после нивното потпишување од страна на Претседателот на Државата и објавување во службеното гласило (ДОКАЗ 2.5.1.)
Претседателот на Државата, поради низа формални и суштински недостатоци и недопуштености на Договорот, одби да го потпише Указот на Законот за ратификација на Договорот, и покрај неговото повторно изгласување од Собранието од ⅔ пратеници.
Претседателот на Државата со писмен допис (2018.) се обрати до Собранието, а со тоа и до македонската јавност за причините за одбивање на потпишување на Указот на Законот за ратификација.( ДОКАЗ 2.5.2.)
2.6.
Поради обврската утврдена во Договорот договорените одредби да се имплементираат во Уставот на Државата, Власта (2018.) распиша РЕФЕРЕНДУМ за изјаснување на граѓаните за прифаќање на Договорот (ДОКАЗ 2.6.).
Референдумот беше противуставен, противзаконски и недопуштен:
2.6.1. Противуставен, поради тоа што Уставот допушта референдум само за прашања што се во надлежност на Собранието. Собранието нема надлежност за менување Име на Државата, ниту за одлучување на идентитетски прашања ( ДОКАЗ 2.6.1.)
2.6.2. Противзаконски, поради тоа што содржи неколку прашања кои упатуваат на можност на 8 комбинирани одговори, и затоа што, иако е аброгативен ( задолжителен и последователен) е квалификуван како „претходен и незадолжителен”, што воедно е противуставно, бидејќи Уставот познава само еден вид референдуми: задолжителни! ( ДОКАЗ 2.6.2.)
2.6.3. Недопуштен, затоа што за ниеден орган, со ниеден правен акт, па оттука ниту за каков било облик на посредна или непосредна демократија е утврдена надлежност на одлучување за овие прашања. Во суштина, не е допуштено изјаснување за вакви прашања.
2.7.
Граѓаните на Македонија, со ⅔ мнозинство, пред се` Македонците, во огромно мнозинство го БОЈКОТИРАА овој Референдум (2018.), сметајќи го прашањето, не само незаконско и недопуштено, туку и понижувачко/навредливо! Тоа и официјално е потврдено од надлежен Државен орган (Државна изборна комисија) кој го прогласеи Референдумот за НЕУСПЕШЕН, што е објавено во службеното гласило на Државата ( ДОКАЗ 2.7.)
2.8.
Законот за ратификација на ПД, и без потпис од Претседателот на Државата, спротивно на Уставот и Законот, Власта (2019.) го објави во службеното гласило (ДОКАЗ 2.8.)
2.9.
Спротивно на било кое меѓународно и национално право, како природно, така и позитивно, спротивно на цивилизациските вредности и морални начила, и уште повеќе – спротивно на резултатот од Референдумот на кој беше искажана волјата на граѓаните од сите етнички припадности во РМ, а со огромно мнозинство од припадниците на македонскиот народ против промена на Името и идентитетот (дури и кога промената на Името и идентитетот би биле допуштени!), Власта, (2019.) арогантно игнорирајќи ги, ги изврши измените во Уставот со Амандманите ( од 33, 34, 35 и 36), во согласност со ПД, го смени Името на Државата и отвори пат за ЕТНОЦИД на македонскиот НАРОД
(ДОКАЗ 2.9.)
2.10.
Со Уставниот закон за споведување на Амандманите( од 33- 36) Власта утврди (2019.) дека називот на националната припадност на макеонскиот народ („македонска“) не имплицира негова етничност, туку САМО назив на „државјанство“ на Државата!
(ДОКАЗ 2.10.)
2.11.
Утврдувањето на дополнителниот назив на „државјанството“ на граѓаните на МК и со назив „македонско“, покрај редовниот назив на државјанство кое е утврдено со Уставот и не е дополнително изменето со амандман ( види Точка 2.10) е дополнително спротивно на Уставот, според кој, постои само ЕДЕН назив на државјанство, кој е исклучиво правен однос на еден човек со Државата. Со тоа етничката припадност „македонска“ дополнително и неуставно се трансформира во неуставно државјанство со име „македонско“ (ДОКАЗ 2.11.)
2.12.
Министерот за надворешни работи во Владата, како еден од неовластените креаторите на Договорот, кој учествуваше во неговото склучување и потпишување, заедно со Претседателот на Владата, кој неовастено учествуваше во неговото склучување, со посебно писмо упатено до Парламентот на Грција (2019.), децидно потврдува дека „македонско“ значи исклучиво државјанство, но не и етничка припадност (на македонскиот народ) кој останува без назив на својата неспорна идентитетска посебност! Постепено се претвора во непостоечки, БЕЗИМЕН народ! (ДОКАЗ 2.12.)
2.13.
Правото за судска заштита од повредата на низа меѓународно и национално утврдени човекови права и слободи се гаранира со повеќе акти на ООН, (цитираните акти на ООН), но и на Советот на Европа. Согласно овие акти, правото на судска заштита е гарантирано и со Уставот н РМ пред редовните судови (ДОКАЗ 2.13.1.) Уставниот суд е надлежен само за уставно утврдени 3 права и слободи, во кои не сапаѓаат овие права на кои се однесува оваа Жалба (ДОКАЗ 2.13.2.)
2.14.
Поради тоа што со опишаните дејствија, првенствено од Министерот за надворешни работи, а со соучесништво на Претседателот на Владата, на македонскиот народ, односно МЕНЕ, како Македонка и припадник на македонскиот народ, ми се брутално повредени моите неотуѓиви човекови и граѓански права од поголем обем (секако и најголем!), подготвирав и до надлежното Јавно обвинителство (08.07.2020.) поднесов Кривична пријава против овие лица за кривично дело утврдено со Кривичниот законик на РМ („Злопупотреба на службено овластување), според кој, како потежок облик е предидено дека доколку службено лице со злоуотреба на своите службени овластувања, (какво што е склучувањето ваков недопуштен договор, за кој немаат мандат, ниту е воопшто предвидена нечија надлежност), потешко ќе ги повреди правата на друг, како што се моите цитирани права, и воопшто на припадниците на македонскиот народ, ќе биде потешко казнет. (ДОКАЗ 2.14.)
2.15.
ОЈО, наместо во правна процедура и со правен акт – Решение, со писмо (и без правна поука!) ме извеси (03.09.2020.) дека тој не наоѓа основа за поведување кривична постапка и дека таа се гони по службена должност (ДОКАЗ 2.15.)
2.16.
Во законски рок (07.09.2020.) поднесов Жалба до Вишото ЈО со кое, во материјална и процедурална смисла го оспорувам писмото („извесувањето“) од ОЈО (ДОКАЗ 2.16.)
2.17.
Вишото ОЈО со Решение, го потвдува постапувањето на ОЈО (ДОКАЗ 2.17.)
2.18.
Незадоволна од постапувањето од овие јавни обвинителства, јас, како ОШТЕТЕНО лице чии права утврдени со Устав и меѓународни акти се повредени, до надлежен суд- Основен кривичен суд, (22.10.2020.) поднесов Приватна тужба (ДОКАЗ 2.18.)
2.19.
Од надлежниот Основен кривичен суд, со Решение сум известена дека Приватната тужба не е допуштена бидејќи немам законско право да поднесувам тужби за заштита на моите права повредени со ова дело, затоа што истово се „гони по службена должност“, односно, само од страна на Јавен обвинител (?!) (ДОКАЗ 2.19.)
2.20.
Поради тоа што Јавен обвинител не е судски орган, а Уставот и меѓународното право ми гарантира СУДСКА заштита ( види Точка 2.12.), во законскиот рок (21.12.2020.) поднесов Жалба до Апелациониот суд (ДОКАЗ 2.20.)
2.21.
Апелациониот суд, (05.02.2021.)со Решение ја отфрли Жалбата и го потврди Решението на понискиот суд (ДОКАЗ 2.21.)
2.22.
Поради тоа што Решението на Првостепениот суд стана правосилно, ги платив бараните такси и судски трошоци за правосилноста на судското решение во оваа последна, редовна судска инстанца. (ДОКАЗ 2.22.)

***

Поради тоа што на документирано опишаниот начин, јас, како човек, припадник на македонскиот народ и како граѓанин на РМ ги исцрпев сите правни можност за заштита на моите повредени права кои со актите на ООН се гарантирани и едновремено проглесени како „УНИВЕРЗАЛНИ, НЕДЕЛЛИВИ, МЕЃУСЕБНО ЗАВИСНИ и ПОВРЗАНИ“ (и со Виенската Декларација), ја поднесувам оваа ЖАЛБА до Советот за ЗЧП на ООН, со убеденост дека темелно ќе биде разгледана, ќе биде утврдена повредата на правата и ќе бидат превземени сите неопходни мерки од надлежност на Советот против овие монструозни и брутални повреди, спротивни не само на неприкосновеното и универзално природно право, туку и на позитивното право, а пред се`, на сите морални норми и цивилизациски вредности.
***

Почитувани,
Во ваши раце и на ваша совест е благословот или гревот за опстанокот или уништувањето на еден милениумски, мал, кроток, правдољубив народ, спомнат и во Библијата – Македонскиот народ.
Најпонизно ве молам, само бидете праведни!

Со изрази на почит, верба и надеж,

Подносител,
——————————-
Целосната Жалба со доказите на англиски јазик можете да ја отворите на овој линк