Продолжение за приказната што вчера ја објавивме за иконописецот Гаврил Атанасов од Берово, кој во поптисот на своето дело во 1897 година, покрај името и презимето навел дека е Македонец, денеска со ново продолжение.

Авторот приказната ја објавува на Страницата Macedonia : a True Endless Story … на Фејсбук која објавува документи, записи и сведоштва од историјата на Македонија.

Во продолжение ја пренесуваме во целост:

ГАВРИЛ АТАНАСОВ (1862 – 1951) – МАКЕДОНСКИ ЗОГРАФ И ФОТОГРАФ

Гаврил Атанасов Христов е истакнат македонски уметник, иконописец и фотограф роден во Берово, 1862 или ’63 година. Бил врвен зограф. Зад себе има околу 300 вредни икони, од коишто голем број се и во Русија, потоа – Софија, Бугарија, во Пиринска Македонија, Берово и некои цркви и манастири во Македонија, особено на истокот од земјава. А, потоа во подоцнежната возраст и тој подучувал млади зографи. Престојува на повеќе места ширум Балканов, но поради големата љубов кон родниот крај и кон саканата Марија, се вратил во Берово. Најдолго, сепак, творел во манастирот „Св. Архангел Михаил“ во родното место (1899 – 1920).

Во 1870-1 г. Атанасов го посетувал Егзархиското училиште во родното Берово. Работел како аргат, бидејќи семејството му било сиромашно. На околу 18 години заминал на Света Гора, кај братот сѝ Христо, кој работел како слуга во рускиот манастир „Св. Пантелејмон“. Таму се сретнал со работата на зографите. Со помош од брат му кој уплатил 20 лири, Гаврил во 1881. ја почнал обуката кај Григориј Шкурт, па потоа учел и кај негушанецот Христодулос Матеј – исто така во Кареја, по што станал негов помошник. Нивната заедничка работа траела околу 13 години, изработувајќи икони за извоз во Русија.

ВО 1897. ГАВРИЛ АТАНАСОВ СИ ЈА ЗАПИШАЛ И НАЦИОНАЛНОСТА – МАКЕДОНЕЦ

За да нема никакви дилеми од каде е и што е по националност, плодниот зограф во 1897 г., скоро веднаш по првото враќање од Света Гора, во родното Берово, јасно се потпишал на една од своите први творби во Малешевијата. На иконата на Св. Јован Златоуст (види слика), изработена на метал, којашто и денес стои на средишното место на јужната олтарска врата на беровскиот манастир „Св. Архангел Михаил“ стар скоро два века, овој уметник запишал: „Иконописец Гаврил Атан.(асов), Македонец, од село Берово, Малеш, 1897 година“.

Во 1901. се оженил за Марија Поп Буровска – „Маца“ од семејството Поп-Буровци. Во брачниот живот со неа добиле осум деца – Александар, Полихерија, Диспина, Параскева, Панте, Михаил, Ана и Борис. Околу 1905 г., Гаврил повторно пошол во Кареја на Света Гора, изучил фотографија од Васил Тарарачков, кого пак, тој го научил иконопис. По ок. 2 години на Света Гора, се вратил во Берово, овојпат – трајно.
Нему му се припишува малешевската македонска народна песна:
„Маце Марие бела Беровко,
жени се Маце, мен ме не чекај,
јас ќе си стана млади калуѓер.“

ПОСМРТНАТА ФОТОГРАФИЈА НА ДАМЕ ГРУЕВ

По убиството на Дамјан – Даме Груев на 23 декември 1906 г., кај беровско Русиново, османлиските власти наредиле телото да биде откопано и фотографирано, за да се утврди дали баш тогаш големиот македонски револуционер навистина бил убиен и тоа да се документира. Фотографирањето го извршил токму беровецот Гаврил, првиот фотограф во Малешевијата. Таа фотографија е една од ретките сочувани, направени од Гаврил, кој бил исклучителна личност, извонреден зограф и голем патриот.

Идентитетот на Даме и неговите соборци бил потврден. Турските војници биле одликувани.

Низ Малешево има и други негови фотографии коишто сведочат за битни и значајни настани и личности од историјата на овој крај. Вистинска штета е што во 1934 г., заедно со куќата изгорело и атељето на овој малешевски фотограф, при што е уништен драгоцен фотографски материјал од историско значење. Во обновената црква „Св. Богородица Балаклија“ во Берово, при нејзиното фреско-пишување, од страна на академскиот сликар Ѓорѓи Данев, насликан е и ликот на Гаврил Атанасов – Зограф, со што овој лик е овековечен за навек.

ДЕЈНОСТА ВО ВРЕМЕ НА БУГАРСКАТА И СРПСКАТА ОКУПАЦИЈА

Зографот изработил повеќе иконостаси и огромен број икони, од коишто најубавите се наоѓаат во црквата во село Смиланци, кај Радовиш, и во Берово. Во манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Берово Гаврил, работел во периодот од 1899 до 1920 година. Но, 13-те икони што го носат неговиот потпис и се наоѓаат во овој манастир, се само „капка во морето“ од иконографското наследство што го оставил овој славен македонски зограф Гаврил, а коешто се наоѓа по црквите, манастирите и приватните домови во Малешевијата, Пијанец, Кочанско, Штипско, Радовишко, Струмичко, Струмско и подалеку низ балканските земји и, во – Русија, секако.

Од писмо што на 04. 04. 1928 г. Гаврил Атанасов му го испратил на Јеремије М. Павловиќ, да му послужи при пишувањето на книгата „Малешево и Малешевци“, покрај дел од горе изнесените податоци, дознаваме дека Гаврил, за изработка на своите икони, при турското робство набавувал материјал од Солун, при бугарската окупација – од Софија, а во времето кога е пишувано писмото (за време на српската окупација) – од Скопје.

Во црквите во Малешево и Пијанец пописната комисија на македонскиот Републички завод за заштита на културно-историските споменици, регистрирала негови 300 икони со различна големина, од коишто 41 икона му се припишуваат на неговиот син, зографот Борис.
Гаврил Атанасов починал во Берово, 1951, на 88-годишна возраст, опкружен од многубројните негови наследници. ——/

(Подготвил: Д. Г.)