Доколку пропадне планот на Европската Комисијата за т.н. „заем за репарации“, односно за користење 140 милијарди евра од замрзнатите руски средства за поддршка на Украина, земјите членки на ЕУ ќе сносат „значителен финансиски товар“ за обезбедување на овие средства, предупреди еврокомесарот за економија и продуктивност Валдис Домбровскис.

Во изјава пред заседанието на Советот за економски и финансиски прашања, Домбровскис рече дека Европската комисија се уште се обидува да ја убеди Белгија да се „откаже од ветото“ за т.н. заем за репарација, но дека во исто време разгледува и „резервни опции“.

– Но, овие алтернативи ќе претставуваат тежок фискален товар за земјите членки, нагласи Домбровскис.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен претпладнево во обраќање пред европратениците изјави дека постојат три опции за обезбедување средства за задоволување на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година.

– Опција 1 е да се искористи просторот во Буџетот за обезбедување пари на пазарите на капитал. Опција 2 е да се има меѓувладин договор и земјите членки сами да го обезбедат потребниот капитал. Опција 3 е да се има „Заем за репарација“ врз основа на замрзнатите руски средства, рече Фон дер Лајен.

Првата од овие опции би значела нови задолжувања на ЕУ на пазарите на капитал, што би резултирало со зголемување на заедничкиот долг на Унијата, додека според втората опција, членките на блокот би требало да донираат билатерални грантови за прибирање на потребните средства.

ЕК останува на ставот дека нејзина претпочитана опција е т.н. „заем за репарација“, мислење што го делат и повеќе членки на ЕУ, вклучително и Германија и балтичките земји.

Планот за користење на замрзнатите руски средства, ЕК го предложи на Самитот на ЕУ во октомври, но европските лидери не постигнаа консензус за одобрување на предлогот поради противењето на Белгија. По ова, лидерите на ЕУ ја задолжија Еврокомисијата да предложи „опции“ за покривање на финансиските потреби на Украина, без конкретно посочување на користењето на замрзнатите руски средствата.

Најголемиот дел од овие руски суверени средства или околу 175 милијарди евра се депонирани во клириншката куќа „Еуроклир“ со седиште во Брисел, додека уште околу 25 милијарди се чуваат во други земји членки, пред се Германија, Франција и Луксембург.

Белгиската Влада стравува дека користењето на овие средства би можело да го нарушил угледот на Белгија како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства во земјата, па затоа бара гаранции од земјите членки за споделување на заедничка финансиска и правна одговорност за ваквата постапка.

Идејата за ново задолжување на ЕУ за обезбедување на овие средства ја предложи и белгискиот премиер Барт де Вевер.

– Голема предност на долгот е што знаете колкав е. Знаете колку долго ќе го имате. Знаете точно кој е одговорен за него. Недостигот на руските средства е што немате поим колку далеку ќе оди евентуален судски спор, колку долго ќе трае и со какви проблеми ќе се соочите, рече Де Вевер.

Сепак, според извори во ЕК, опцијата за дополнително задолжување на ЕУ е најмалку веројатно, од причини што се проценува дека „нема доволно простор“ за зголемување на долгот на блокот.

Комисијата се надева дека до следниот Самит на ЕУ, закажан за 18 и 19 декември во Брисел, сепак ќе успее да ја убеди Белгија да го промени ставот. Извори во ЕК, посочуваат дека засега не се предвидени политички разговори на високо ниво со белгиските власти, но дека не е исклучено тие да се одржат во блиска иднина. 

Фото: Архива