Како што веќе објавивме, Министерството за култура одби да го финансира издавањето на романот на Блаже Миневски за љубовта меѓу Гоце Делчев и Јанка Каневче. Сепак, како што стојат работите, романот сепак ќе излезе, најавено е тоа да се случи пред 4 мај кога се добележува годишнина од смртта на Делчев, а досега, за три дена, во Матица стигнале околу 200 претплати! Меѓу претплатниците, најмногу се од Австралија, Америка, Германија, Швајцарија, Австрија, Словенија и, замислете, од Пиринска Македонија.
Инаку, писателот Раде Силјан, за романот пишува:
Романот за Гоце и Јанка е љубовна магија од чувства што го прават човекот одделно и посебно суштество а тој и таа се токму тоа – посебни и особени. Приказната за нивната голема љубов ги следи чувствата како суштина на животот, трансформирајќи ја дилемата да се биде или не во максимата да се чувствува или да се умре. Всушност, може ли да се биде среќен без чувства?
Во романот за првпат се објавуваат автентични сведоштва за Гоце и Јанка, за тајните средби, за интимните моменти, за плановите што ги имале, за венчавката што ја замислувале, но и за траумите од загубата на саканиот и за болеста што ја разјадува, за лузните што ги чувствува до крајот на животот, распната меѓу она што го носи во душата и она што го живее како судбина.
Фасцинантен роман за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче напишан со вонсериски усет за динамика, брилијантна наративна леснотија и раскошна лексика.
Тоа се зборовите на Силјан, а доколку сте заинтересирани за претплата, тоа можете да го сторите на следниот линк.