Дождот што заврна пред седум часот утрово и врнеше нешто повеќе од два часа на подрачјето на ловиштето „Јасен“, помогна пожарот што трае повеќе од десетина дена, да биде изгаснат, соопштија денеска од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
– Но и покрај поголемата количина на заврнат дожд, на некои места од пожарната линија сè уште може да се забележи чадење, поради што по кревањето на маглата и чадот, ќе продолжиме со пешадиско дејствување врз жешките точки што покажуваат знаци на горење. Овој терен ќе биде пребаран и со дронови со термални камери. Екипи на ЈП „Јасен“ продолжуваат со патролирање сè додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат, се наведува во соопштението.
Се апелира граѓаните да бидат внимателни со цел да не предизвикаат пожар, како и да го пријават секое сомнително однесување.
– Доколку граѓаните забележат електрични жици што се допираат или искрат, веднаш да пријават во „ЕВН“ или на бројот 112, се додава во соопштението на ДЗС.
ЦУК: Во изминатото деноноќие до 7 часот изутрина 8 активни пожари низ државата
Изминатото деноноќие, до седум часот утрово, на територија на државава има регистрирано вкупно 27 пожари на отворен простор. Од нив, осум се активни, информираат денеска од Центарот за управување со кризи.
Активните пожари се на територија на општините Македонски Брод, Прилеп, Долнени, Росоман, Кичево, Студеничани, Велес, Сопиште. Во „Јасен“ гори мешана шума. На територија на село Беловодица, место викано „Ливада“ и село Лењиште, гори букова шума. Мешана шума гори и во подрачјето на селата Стровија и Долгаец. Ниска вегетација е опожарена во атар на село Дебреште. Ниска вегетација и ниска шума горат во село Душегубица. Мешана шума е опожарена во регионот на селата Горно Количани и Драчевица, планински врв „Китка“. Ниска вегетација гори во село Клуковец. Кај брана – езеро Козјак, пожар зафатил ниска вегетација и шума.
Изгаснатите пожари биле на територија на општините Маврово – Ростуше, Боговиње, Струга, Кичево, Липково, Старо Нагоричане, Долнени, Кратово, Студеничани, Гази Баба, Илинден, Василево, Гевгелија, Струга, два во регионот на Ѓорче Петров, а три во кумановското подрачје.