Британската полиција денеска соопшти дека го уапсила основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

Како што јави ДПА, Асанж бил уапсен откако ја напуштил зградата на Еквадорската амбасада во Лондон, каде престојуваше изминативе седум години. Според други медиуми, претседателот на Еквадор го повлекол азилот за Асанж, по што британската полиција го уапсила.

Во соопштението на британската полиција се наведува дека 47-годишниот Асанж бил уапсен врз основа на налог на Судот во Вестминстер издаден на 29 јуни 2012 година, затоа што не се јавил на суд во предвидениот термин.

Апсењето на Асанж следи откако властите на Еквадор соопштија дека решиле да му го укинат дадениот азил.

Австралиецот Асанж се прослави по објавувањето серија американски тајни документи, вклучително и за воените операции на САД во Авганистан и Ирак и за условите во затворот во базата Гвантанамо на Куба.

Во 2010 година, САД издадоа потерница по него под обвинение за објавување доверливи информации, по што Асанж замина во Шведска, каде побара азил. Меѓутоа, набрзо во Шведска беше обвинет за силување, обвинувања што тој ги отфрла.

Асанж тврдеше дека обвинувањата се со цел тој да биде уапсен и потоа Шведска да го екстрадира во САД, поради што замина за Велика Британија. По ова шведски суд објави меѓународна потерница по него, врз основа на која британската полиција го упаси во 2012 година. Но, тој беше ослободен од притвор со кауција до завршување на судскиот процес за негова екстрадиција во Шведска.

По ослободувањето од притвор, Асанж во август 2012 година се засолни во Еквадорската амбасада во Лондон, која му даде азил и тој изминативе седум години ги мина во зградата на дипломатското претставништво.

По неколку години обвинувањата за силување во Шведска беа отфрлени, но Асанж и натаму остана во Амбасадата стравувајќи дека британските власти може да го уапсат и да го екстрадираат во САД.

Порталот „Викиликс“, повикувајќи се на извори во Владата на Еквадор, на 5 април објави дека во „следните часови или денови“ Асанж ќе биде протеран од Еквадорската амбасада во Лондон. Како повод за укинување на азилот и за негово протерување од Амбасадата, според „Викиликс“,  еквадорските власти ќе го искористат објавувањето од страна на сајтот, на корупциски скандал со офшор компании во кој е вмешан претседателот на Еквадор, Ленин Морено.

Минатата недела британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант изјави дека Асанж е „слободен човек“ и кога ќе одлучи може да ја напушти Амбасадата на Еквадор.

Детали за апсењето на Асанж

Скотланд Јард соопшти дека дека бил поканет во Амбасадата од страна на еквадорскиот амбасадор, откако неговата земја го укинала азилот на Асанж, јави Би-Би-Си. Тој ќе остане во притвор во централната полициска станица во Лондон, додека да се појави во судот на Вестминстерски Магистрати „што е можно побрзо“, се додава во соопштението.

Претседателот на Еквадор, Ленин Морено изјави дека го укинал азилот на Асанж поради неговите постојани прекршувања на меѓународните конвенции.

Викиликс на Твитер објасни дека Еквадор нелегално дејствувал при укинувањето на политичкиот азил на Асанж „и го прекршил меѓународното право“.

Секретарот за надворешни работи Џереми Хант и се заблагодари на Владата на Еквадор за соработката во врска со апсењето.

Хант на Твитер напиша дека Асанж не е „херој“ и оти „никој не е над законот“.

Министерот за внатрешни работи Саџид Џавид на Твитер потврди дека Асанж сега е во полициски притвор и се соочува правдата во Велика Британија.

Асанж (47) одби да ја напушти Амбасадата, тврдејќи дека ќе биде екстрадиран во САД за сослушување во врска со активностите на Викиликс.

Министерот за надворешни работи на Велика Британија Алан Данкан, рече дека апсењето следувало по „обемен дијалог“ меѓу Велика Британија и Еквадор

Велика Британија нема да го испорача Асанж на земја со смртна казна

Велика Британија гарантираше дека основачот на Викиликс Џулијан Асанж нема да биде испорачан на земја каде законот предвидува смртна казна, изјави денеска претседателот на Еквадор Ленин Морено по апсењето на Асанж во еквадорската амбасада во Лондон.

– Согласно нашата силна посветеност на човековите права и меѓународниот закон, побарав од Велика Британија да гарантира дека Асанж нема да биде испорачан на земја каде би бил изложен на тортура или да биде соочен со смртна казна, изјави Морено во видео објавено на Твитер.

-Британската Влада го потврди тоа писмено, согласно нивните одредби, истакна Морено.

Како претседател на Еквадор, неговата земја го укина азилот на Асанж, откако тол во неколку наврати ги прекршил меѓународните конвенции.

Асанж (47) беше уапсен денеска во амбасадата на Еквадор откако му беше укинат азилот. Британската полиција влезе во Амбасадата и го уапси основачот на Викиликс.

Тој се наоѓаше таму од 2012 година со цел да избегне екстрадиција во Шведска, која го товари за сексуално злоставување. Асанж ги негира обвинувањата и стравува дека Шведска ќе го предаде на американските власти со цел да се соочи со нивните обвинувања за објавување на воени и дипломатски документи.

Русија: Очекуваме да бидат почитувани правата на Асанж

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека се надева оти Велика Британија ќе ги почитува сите права на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, кого британската полиција го уапси денеска во Еквадорската амбасада во Лондон.

– Ако наводите не медиумите се точни, тој е уапсен во Лондон. Така што немам да додадам ништо повеќе. Се надевам дека сите негови права ќе бидат почитувани, истакна Песков, одговарајќи на новинарско прашање дали Русија е подготвена да му даде азил на Асанж.

Коментирајќи го апсењето на Асанж, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова на својот налог на Фејсбук објави дека оваа постапка покажала како „раката на „демократијата“ го стега грлото на слободата“.

Британската полиција денеска соопшти дека го уапсила основачот на Викиликс, Џулијан Асанж. Асанж беше уапсен во зградата на Еквадорската амбасада во Лондон, каде престојуваше изминативе седум години.

Во соопштението на британската полиција се наведува дека 47-годишниот Асанж бил уапсен врз основа на налог на Судот во Вестминстер издаден на 29 јуни 2012 година, затоа што не се јавил на суд во предвидениот термин.