Еден ден по успешниот украински напад врз седиштето на руската црноморска флота, повторно одекнаа експлозии на полуостровот Крим, кој Русија незаконски го анектираше во 2014 година, пренесува Хина повикувајќи се на ДПА.
„Според првите информации, во Севастопол работела противвоздушна одбрана“, напиша на Телеграм рускиот шеф на окупираната територија Михаил Развошеев.
Делови од проектил паднале во областа северно од градот, каде што се наоѓа главната база на Црноморската флота, додаде тој. Информацијата не може да се потврди независно. Фотографии од облаци од чад во воздухот кружат на социјалните мрежи, што укажува на тоа дека во погодената област се наоѓа руско складиште за муниција.
Ова е слично на вчерашниот напад кога руската страна првично тврдеше дека паднале само делови од проектил, но на крајот украинскиот напад се покажа поинаков: украинските проектили сериозно оштетија важна и симболична зграда на руската морнарица.
Сè уште не е познато колку припадници на воениот персонал загинале или се повредени во вчерашниот напад. Руските власти потврдија дека едно лице загинало, но подоцна ја коригираа таа информација, велејќи дека само едно лице се води за исчезнато. Шефот на украинското воено разузнавање Кирило Буданов подоцна во интервју изјави дека најмалку девет Руси се убиени, а 16 се ранети, меѓу кои и генерали.