Канцеларот на Германија, Олаф Шолц денеска е во посета на Етиопија. Тој во Адис Абеба ќе разговара со претставници на етиописката Влада и со претставници на Африканска Унија, јави германската новинска агенција ДПА.
Шолц вечерва ќе отпатува за главниот град на Кенија, најважната земја партнер на Германија во Источна Африка.
Германскиот канцелар на средбите ќе се фокусира на темите за решавање конфликти и зачувување на мирот, климата и зелената енергија, како и последиците од војната во Украина.
Со околу 120 милиони жители, Етиопија е втората најнаселена држава во Африка по Нигерија. Во двегодишната граѓанска војна околу најсеверниот етиопски регион Тиграј загинаа стотици илјади луѓе, а заврши во ноември минатата година со договор за прекин на огнот.
На своето патување Шолц ќе биде придружуван од претставници на германски компании.
Шолц во Кенија ќе ја посети најголемата геотермална централа на континентот во езерото Најваша.
Кенија игра важна посредничка улога во регионалните конфликти и понуди да учествува во напорите за деескалација на насилството во Судан. Таа, исто така, интервенираше во конфликти во Конго и Етиопија.
Кенија ја поддржува мисијата на АУ во нејзиниот северен сосед Сомалија.