Повторно вонредната состојба се користи како покритие за носење на одлуки кои го негираат националното и човечкото достоинство. Со последната одлука за печатење на пари со зборот на С пред Македонија, уште еднаш докажуваме дека не сме созреани да ја сфатиме магнитудата на повеќеслојното девастирање кое и’ претстои на Македонија.
Во ниту еден случај, а особено сега кога власта ја има апсолутната моќ со сериозни елементи на автократија, не смееме да дозволиме партиската агенда да биде над државната.
Сепак, имајќи во предвид дека економијата ни е скоро речиси пред колапс, се поставува прашањето дали можеби позади печатењето на пари се крие нешто друго, а зборот на С е намерно пуштен во оптек како покритие за расправа на широките народни маси.
Јас ги поддржувам сите мерки кои носат бенефит за граѓаните, посебно оние кои се однесуваат на заштита на животот и здравјето, но мислам дека последните одлуки со печатењето на пари со несреќната кованица не се во таа насока. Крајно време е власта да ја сфати сериозноста на ситуацијата.