Стојан Трајковиќ од кумановското село Табановце веќе 30 години активно се занимава со грнчарство. Тој е четврта генерација од неговото семејството кои се занимаваат со древниот занает, што се пренесувал од дедо на внук, од татко на син, последниве два века.
Процесот на производство е тежок, бара трпение кое не му недостига на 52 годишниот Трајковиќ, кој работи со голема љубов и внимание. Процесот за изработка на еден продукт бара време. Во автентичен амбиент, во стара куќа, во двор опколен со овоштарници, почнува производството од глина која Трајковиќ ја собира од родното Табановце и соседното село Сопот. Глината е чиста, се кисне, два мати се меле, се подготвува, црта, суши, се пече два пати на 1000 степени, во печка стара сто години. Секој производ е различен, има своја уникатна вредност. Производот се декорира. Целиот процес е едноставен, традиционален, а крајниот продукт воодушевува со едноставноста и убавината.
Дворот на Трајковиќ наликува на мини неолитска населба, препона со скршени делови од грнчарски производи.
– Активно работам од 90-тите години, претходно ги научив сите финеси за занаетот како помошник во татковата работилница. Четири генерации се занимаваме татко, дедо прадедо. Дедо ми продаваше на „Нагорички сокак“, татко ми на „Ленинова“, јас на Зелениот пазар-раскажува Трајковиќ.
Неговите и производите на неговите предци ги красат витрините на амбасадорите на повеќе држави.
Иако, тежок, занаетот е гордост на семејството. Во минатото немало куќа од североистокот во која немало производ од семејството Трајковиќ. Осумдесет и шест годишниот Србољуб Трајковиќ се сеќава дека имало голема побарувачка за неговите производи. Жените нарачувале тави, грниња од еден пазарен за друг пазарен ден.
– Низ годините побарувачката е сè помала, вели сега пензионираниот грнчар.
Пандемијата дополнително ја намалила побарувачката за производите, директно погодувајќи ги угостителите, индиректно грнчарите. Двојно се намалила побарувачката за производи за етно рестораните кои ја сервираат традиционалната храна во земјени садови.
– И професионалните готвачи и домаќинките знаат дека тавче гравче, селско месо, компир, има поинаков вкус кога е подготвен во земјен сад, вели Трајковиќ.
Тој апелира државата да најде начин трајно да ги субвенционира малкуте грнчари и занаетите во изумирање.
– Добро е што преку занаетчиската комора побаравме субвенции кои Министерството за економија ги прифати, бидејќи бевме пред затворање. Но, многу важно е да се заштитат старите занаети. Добро е државата да размисли, да се изучуваат занаетите во средно училиште, да имаат практична настава и да го следат примерот на соседните земји кои трајно ги заштитија старите занаети, апелира Трајковиќ.
Претседателот на Занаетчиската комора, Агрон Фазлији вели дека е потребна дополнителна поддршка за старите занаетчии кои се стотина во државата и нема да го оптоваруваат буџетот.
– Ова семејство е гордост на земјата, четврта генерација грнчари. Занаетчиите влегоа во сите мерки од Владата и Министерството за економија. Сега, полека излегуваме од криза, но старите занаети остануваат. Затоа е важно да се најде начин трајно да се субвенционираат. Тие се добри и вредни мајстори, најдобри амбасадори на земјава во странство,, потенцира Фазлији.
Од Министерството за економија велат дека во континуитет спроведуваат мерки и активности во насока на зголемување на конкурентноста во занаетчискиот сектор во целина вклучувајќи ги и занаетите во изумирање. Оттаму потсетуваат дека Министерството за економија и Владата на РСМ, обезбедиле финансиска поддршка за плата за април, мај и јуни 2020 година во месечен износ од 14.500, за октомври, ноември и декември минатата година пак, биле одвоени 17.410 денари кои биле неповратни за паушално оданочените занаетчии. Занаетчиите користеле и од бескаматна кредитна линија „КОВИД 3“, а добиле субвенции за купување репроматеријали и опрема.
– Предмет на мерката беше кофинансирање на трошоци на занаетчии, државјани на Република Северна Македонија преку кофинансирање до 60 проценти од докажаните трошоци, но не повеќе од 60.000 денари направени за набавка на алати и репроматеријали. За ова мерка беа предвидени 20.000.000 денари од кои само 8.873.019 денари беа искористени. Вкупно беа субвенционирани 225 занаетчии, соопштија од Министерството за економија.
Средства биле одвоени и за плати за февруари и март 2021 година во месечен износ од 17.410,00 денари.
Во 2021 година, додаваат од министерството, продолжува субвенционирањето на занаетчиите и вршители на занаетчиска дејност преку кофинансирање 60 проценти од докажаните трошоци, но не повеќе од 120.000,00 денари, направени за набавка на опрема и алати, уредување/подобрување на деловниот простор, воведување на софтверски решенија (60 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 60.000,00 денари).
– За реализација на мерката согласно Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2021 година се предвидени средства во вкупен износ од 6.000.000,00 денари, наведуваат од Министерството за економија.
На повикот аплицирале 95 апликанти од кои 89 се одобрени. Занаетчиите можат да конкурираат и за бескаматна кредитна линија „КОВИД 4“ со кој се овозможува директна поддршка занаетчии кои плаќаат данок на реален приход и се регистрирани во Република Северна Македонија, од Фонд за финансиска поддршка и поддршка на ликвидноста – „Ковид 4“.
– Фондот за финансиска поддршка и поддршка на ликвидноста – „Ковид 4“ од кој ќе се реализира оваа кредитна линија е формиран со средства од буџетот на Република Северна Македонија во износ од 615.000.000 денари. Преку ова мерка каматната стапка за кредитокорисниците се утврдува фиксно на износ од нула проценти на годишно ниво. Јавниот повик уште е во тек, повикаа од ресорното министерство.
Занаетчиите како Трајковиќ очекуваат поддршка за да бидат трајно заштитени, бидејќи го отсликуваат минатото и националното богатство.
Александра Максимовска за МИА