Софија не е заинтересирана да биде надворешна граница на Европската Унија, смета професорката од Софискиот универзитет Татјана Дронзина.
Во интервју за бугарски весник, таа коментира дека Софија „не е заинтересирана за ширење србомани во Скопје, кои, следејќи ги интересите на Србија, на крајот ги следеле интересите на Русија“.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Дронзина, прагматично, односот на Бугарија кон Македонија треба да пробие низ цивилизациската и геополитичката ориентација на официјална Софија.
Според неа речиси е невозможно ниту една бугарска влада во моментов, со овие ставови во јавноста, безусловно да ја поддржи европската интеграција на Македонија. Бугарија, според Дронзина, е во апсолутно збунувачка позиција, каде околностите ја тераат да прави работи што не сака да ги прави и разбира дека не е добро да се прават, но во исто време не може да престане да ги прави.
-За 30 години Бугарија не успеа да ги формулира своите барања до С. Македонија, ниту да постави конкретни рокови за нивно исполнување, категорична е Дронзина, пренесува дописникот на МИА.
Бугарија, смета Дронзина, не успеала да стане ментор на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, ниту пак пример што треба да го следи.
-Бугарија нема развиено никаква сериозна иницијатива, што ќе им даде шанса на позитивно настроените кон неа политичари од С. Македонија да ги зајакнат своите позиции. Таа смета дека не била организирана ниту една кампања за Бугарите во која владата во Софија, точно ќе објасни што прави и како тоа го прави, што сака да постигне и како има намера да го постигне тоа, пренесува дописникот на МИА од Софија.