Домашното жито скапува додека државата увезува од странство. Станува збор за околу десет илјади тони кои иако по намалена цена, не се откупуваат.
Од Националната федерација на фармери побараа забрана за увоз на пченица, за да може да се откупи нашата.
На сметка на домашното жито, од странство се увезува и за десет денари поскапо, пишува Нетпрес.
„Ние уште лани и во годините пред тоа побаравме откупот на пченица за стоковните резерви да почне од денот кога почнува жетвата во Македонија и да се откупи од нашите производители, а не од странство. Кај нас е по 19 денари, а јас имам информација дека е донесена пченица по 28 денари за државните стоковни резерви. И сега, Директоријатот за стоковни резерви ќе почне да дава на млинарите за една ептен ниска цена и тогаш ќе падне и цената за нашата држава. Бараме помош од Министерството за земјоделство, а тоа значи да се забрани увоз на пченица и да може да се откупи нашата пченица“ вели Мемет Синани, член на Управниот одбор на Националната федерација на фармери.
Од каде и колку се увезува, нема конкретни информации. Македонија најмногу работи со Србија, но можеби се увезува пченица и од Украина коментираат земјоделците.
Министерот за земјоделство Николовски ги удостои фармерите со присуство на годишното Собрание на Националната федерација, но не и медиумите со изјава пред камера.
Мемет Синани од Федерацијата на фармери ги анализира и цените на производите кои се пласираат на пазарот. За јавноста прескапо е да се пазари по сѐ повисоките цени, а фармерите велат дека нема друг избор.
Земјоделците алармираат и дека ниту половина од авансот за субвенции не им е исплатен, иако годинава беше промовиран новиот модел на субвенционирање.