Врз основа на резултатите од анализата на двете мостри направени во независната лабораторија на Естонија кои беа земени од РДФ отпад на 29 јануари годинава кога Државниот инспекторат за животна средина во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање и Царинската управа, извршија вонреден инспекциски надзор на 15 камиони со РДФ отпад од Италија кои беа запрени на влез на граничниот премин „Богородица“, потврдено е дека испитаните параметри се во согласност со дозволените граници наведени во Европскиот стандард за Цврсти обновени горива EN 15359:2011.
Земени мостри, како што соопшти Царинската управа, биле доставени до Истражен центар за животна средина во Република Естонија за поголема веродостојност на резултати.
Царинската управа во соопштението информира дека според стандардот, РДФ отпадот е класифициран во пет дозволени класи врз основа на три параметри – нето калорична вредност (топлинска енергија при согорување на енергенсот, која укажува на перформансите на отпадот), содржината на хлор (кој укажува на техничкото однесување) и содржина на жива (која укажува на влијание на околината) во енергенсот.
– Оттука според стандардот EN 15359:2011 првата испитана мостра од РДФ припаѓа на трета класа според нето калоричната вредност (во граници на нормала), четврта класа според содржина на хлор (во граници на нормала) и четврта класа според содржина на жива (во граници на нормала). Втората испитана мостра од РДФ припаѓа на трета класа според нето калорична вредност (во граници на нормала), трета класа според содржина на хлор (во граници на нормала) и четврта класа според содржина на жива(во граници на нормала), се наведува во соопштението од Царинската управа.
Согласно горенаведеното, додаваат оттаму, мострите ги задоволуваат барањата на европскиот стандард за Цврсти обновени горива.