Државната ревизија открива дека раководителите во МЕПСО (директорите и членови на Управниот одбор) имале менаџерски договори за да земаат отпремнина во висина од 12-месечни плати по заминување од функцијата без разлика дали таа функција ја извршувале еден ден, еден месец или повеќе години.
Оваа, како што објави ТВ Телма, е откриено во последниот извештај на Државниот ревизорски завод за работењетп на МЕПСо и тоа преку судските постапки кои се воделе од поранешни функционери во енергетската компанија.
Двајца членови на Управниот одбор ја тужеле МЕПСО во 2021-ва и добиле како отштета 2.300.000 денари односно околу 37 илјади евра.
-Исто така и во 2021 и 2022 година во тек е судска постапка од поранешен Генерален директор и претседател на УО по истиот основ, за главен долг во износ од 960 илјади денари, стои во извештајот на ДЗР за МЕПСО.
Ревизорите сметаат дека треба да се преиспитааат ваквите постапки во државните компании кои работат за јавниот интерес, а потпишуваат менаџерски договори со права кои произлегуваат од договори за работни односи само кога се оди во пензија.
-Имено во менаџерските договори предвидено е право на отпремнина во висина од 12 месечни плати за членовите на УО и Службеникот на усогласеност, што претставува значителен одлив на средства по овој основ. Имајќи во предвид дека АД МЕПСО Скопје е во државна сопственост и врши дејност од јавен интерес ревизијата смета дека е потребно да се преиспита потребата од предвидување на право на отпремнина во менаџерските договори имајќи во предвид дека истата согласно законската регулатива се исплаќа единствено кај надоместоците од работен однос при заминување во пензија. Ревизијата смета за потребно да истакне дека за наведените судски постапки кои се уште се водат пред надлежните судови и до денот на ревизијата конечниот исход не е познат, постои неизвесност во однос на финансиските импликации кои тие ќе ги предизвикаат врз работењето на друштвото во иднина, констатирале ревизорите за МЕПСО.
Директори на МЕПСО во периодот за кој била извршена ревизијата биле Куштрим Рамадани, генерален директор и претседател на Управен одбор од 28.12.2020 година до 27.12.2021 година и
Орхан Муртезани, генерален директор и претседател на Управен одбор од 28.12.2021 година.
Извор: ТВ Телма