Државна лотарија продолжува да троши фантастични суми народни пари за набавка на нова опрема. На само два дена пред изборот на техничката влада, објавија дека ќе потрошат дури 11.800.000 евра за набавка на видеолотариски терминали за приредување игри на среќа, објави ТВ АЛФА. Оваа набавка доаѓа откако минатата година, истата институција, која е предводена од Прпарим Бајрами, близок човек на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, склучи тендер со 19 годишен претрпиемач од Куманово, за слична набавка на машини за коцкање.
Сега станува збор за рамковна спогодба со три фирми која треба да се реализира во наредните 3 години. Државна лотарија еден ВЛТ апарат според договор склучен со Euro Games Technology ќе го плати 8.560 евра, кеш деск 720 евра, дистанцер 600 евра и еден стол 440 евра. Договорот со оваа фирма „тежи“ 6.053.496 евра. Во вториот договор со фирмата Synot W ВЛТ апарат тип 2 чини 9.290 без ДДВ тие ќе се „офајдат“ со 3.565.902, a во третиот склучен договор со Pate Play Tech Ltd, за тип 3 на ВЛТ апарат е 7.700 евра, вкупно договорот чини 2.180.602
Покрај овие три договори, само во јануари годинава Лотарија потрошила скоро 77 илјади евра за надворешно рекламирање на Џамбо автобуси, а за рекламирање на новите интернет игри потрошиле 115.122 евра. Не штеделе ни за сервисирање на клима уреди во јануари – за поправка платиле 5.756 евра.
Иако, за скандалите во лотарија цело време се пишува и предупредува, а истражните органи се уште не повеле никаква постапка.
Јавноста уште и не добила одговор за наводите дека Државна лотарија го изнајмила деловниот простор од поранешниот ресторан Фестина во Визбегово за 21 илјада евра месечно за објект во скопско Визбегово и тоа за период од 10 години или договор тежок 2,6 милиони евра со компанија блиска на ДУИ. Мрежата на фирми како што беше објавено во медиумите завршува кај бизнис партнери поврзани со зетот на Али Ахмети, Куштрим Смајлај. Прпарим Бајрами претходно склучи договор и со Арберија Дизајн, која е омилена фирма на ДУИ и редовно добиваше тендери од коалицијата СДСМ-ДУИ. Секако објаснување за сите случаи и воопшто дали се вистина или не никој никогаш не даде.