Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) соопшти дека вчера извршил вонреден инспекциски надзор во ординацијата која се наоѓа во рамки на КПУ Затвор Скопје, а е дел од ЈЗУ Здравствен дом Скопје.
Надзорот, како што посочуваат од ДСЗИ следел по објавените информации во електронските медиуми од страна на адвокатите на Бојан Јовановски- Боки13, кои обвинуваат за лекарска негрижа, во однос на неговата здравствена состојба.
Од извршениот увид во медицинската документација притворениот Боки13 прв пат побарал лекарска помош на ден 16 јули, при што е прегледан и ординирана му е терапија. Во периодот од 16 јули до 13 ноември за пациентот евидентирани се вкупно 25 прегледи, при што се издавани специјалистички и болнички упати до здравствени установи на секундарно и терциерно ниво (болнички здравствени установи), информираат од ДСЗИ.
При тоа, како што се наведува, упатите се давани со претходно медицинско известување до надлежниот суд за добивање на согласност за понатамошно лекување, но во дел од случаите пациентот е пратен со Итна медицинска помош до одредена здравствена установа во интерес на побрзо добивање здравствена услуга, за што постои уредна евиденција.
Од извршениот вонреден инспекциски надзор, не се констатирани недостатоци во надлежности на ДСЗИ, стои во соопштението.