Случајот со 39-годишната родилката од Скопје, која во неделата вечерта скокна од први кат на зградата на Гинекологија од денеска го превзема Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Со вонреден надзор инспекторите ќе ги утврдуваат околностите под кои мајката која на свет го донесе своето прво дете, решила да скокне од објектот. Нејзината здравствена состојба и денеска е тешка и се бори за живот на КАРИЛ и покрај извршената операција, по падот од зградата, известува ТВ Телма.
Инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска вршат вонреден надзор на Клиниката за Гинекологија. Под лупа се околностите кои ја предизвикале родилката од Скопје во неделата вечерта да скокне од прозорец од првиот кат на зградата, велат од Министерството за здравство, каде по завршениот надзор ќе стигне извештајот од ДСЗИ.
Комисијата е излезена на терен и во тек е надзор за утврдување на фактичката состојба. По изготвување на извештајот од страна на ДСЗИ, јавноста навреме ќе биде информирана, велат од Министерство за здравство.
Здравствената состојба на 39 годишната жена, која скокна од Гинекологија преку прозорец од ходникот на зградата, што се отвора, не е променета. Таа сѐ уште се бори за живот на КАРИЛ и е во тешка здравствена состојба, покрај извршената операција од здобиените повреди од падот. А, по извршениот увид од полициски екипи на местото на настанот до ОЈО-Скопје е доставено известување за превземени мерки и активности, велат од МВР.
За случајот вчера од Гинекологија кажаа дека жената два пати по породувањето била малку вознемирена. Првиот пат разговарала со клинички психолог, а вториот пат и дале терапија и е донесена одлука да се направи подобра проценка на нејзината здравствена состојба, а пред да се пушти дома да ја види психијатар. Од Гинекологија негираа дека треба да се затворат прозорците во ходникот, како што се тие во собите за родилките, со објаснување дека така уште повеќе негативно ќе им се влијае. Се разгледувала и опцијата, психијатар да ги посетува еднаш неделно родилките на Гинекологија.
Мајката беше породена со царски рез, а на свет го донесе своето првороденче, кое е машко. Таа скокна од зградата на Гинекологија четири дена по породувањето.