Вторник или најдоцна среда треба да бидат готови резултатите од обдукцијата на новороденчето кое пред три месеци почина на Клиничката болница во Битола, по само два часа од породувањето, вели за „Алфа“ директорката Елизабета Ивановска. Постапката била при самиот крај, па веќе на истекот од наредната недела се очекува наодите да стигнат и во битолското ОЈО за понатамошно постапување. Според написите во некои медиуми, обдукцијата на бебето ја врши истиот патолог кој работел и на случајот со шестгодишната Јана, а на чии резултати, исто така се чекаше со месеци и кои пред десетина дена покажаа дека не е пронајдена лекарска грешка.

Мајката Викторија Крстеска за „Алфа“ вели дека таа лично сè уште не била информирана за овие нови моменти. Но, уверена е дека случајот за нејзиното бебе  најверојатно ќе заврши како и со малата Јана, односно дека лекарска грешка – нема да има.

Што можам да очекувам? Кога успеаа да ја наместат целата работа и за тоа ангелче Јана, мислите мене ќе ме поштедат?! Не..!!! Јасно ми е сè. Децата ни заминаа. Наместо да имаме среќно семејство и да се радуваме и јас, и Кристина, мајката на Јана, ние сме уништени. Да не се повтори на ниту една мајка. Никоја да не го доживее она што мене ми се случи. Нема поголема болка. Те бодрат – треба да живееш, а тебе не ти се живее. Само јас си знам како спијам и дали спијам. Панични напади, антидепресиви, на само 24 години. Животот ми го уништија. Но, верувам дека ако не ги стигне мојата правда, нека се плашат од Господовата, а јас ќе продолжам да им дишам во врат на „љубезните стручњаци“ додека сум жива, вели Крстеска за телевизијата.

Од битолското ОЈО пак, соопштуваат дека дури откако ќе ги добијат резултатите, ќе знаат дали ќе имало потреба да се произнесат за евентуална причинско-последична врска на лекарскиот третман со причините за смртта на новороденчето, а со тоа и дали ќе имало потреба од издавање налог за Судска медицина во Скопје.