Членовите на Централниот одбор на Демократската унија за интеграција синоќа во Скопје ја усвои политичка платформа за референдумот со цел интеграција на Македонија во НАТО и Европската унија.

Од ДУИ посочуваат дека на  30 септември, постојат само две опции, едната е за европска Македонија, додека другата е против.

– Без двоумења и со неспоредлива посветеност, Демократската унија за интеграција со сите свои капацитети, ќе се ангажира за успехот на референдумот и победа на прогресивните сили во земјава, се наведува во соопштението од партијата.

Од ДУИ ја истакнуваат неопходноста од реформите, владеењето  на правото и еднаквоста на законот,  како и потребата  за транспарентност  и апсолутно независно судство  како предуслов за евроатланската интеграција.

Оттаму посочуваат дека партијата ќе дејствува во согласност со огромното мнозинство на Албанците и другите граѓани во кампањата „ЗА„ и ќе соработува со политичките партии, организациите на цивилното општество, академската заедница, создавачите на јавното мислење,  интересните групи и медиумите во кампањата за Европа и за НАТО.

– Ја повикуваме албанската и македонската опозиција да се приклучи на заедничкиот успех, бидејќи од постројувањето на нашата земја во Брисел придобивка има државата и граѓаните, придобивка има и опозицијата. Исто така, ги повикуваат тие што се уште се двоумат и ги калкулираат нивните позиции за дневно политички потреби, да се надминат себеси и да застанат заедно со прогресивните сили во земјата, се наведува во соопштението.

ДУИ апелира и до дијаспората како носител на процесите за промени во земјата да дојде во Македонија на 30 септември и да го подржи  референдумот за интеграција на земјата во НАТО и ЕУ.