ВМРО-ДПМНЕ е последната партија која има право да држи лекции за борбата против корупцијата, криминалот и политичките влијанија, затоа што денес, од позиција на власт, јасно демонстрира дека има само една цел: целосно да ја зароби државата, особено правосудството. Под водство на оваа влада, политиката отворено се меша во Обвинителството, Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, со класични политички сценарија за ставање на правдата под контрола, се наведува во соопштението од ДУИ, што го пренесуваме интегрално.

ДУИ не се плаши од независно правосудство ниту од транспарентност. Напротив, ние нудиме конкретно решение: ветинг со меѓународен мониторинг, за целосно чистење на политичката и јавната сцена од секое коруптивно влијание. Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија. Нека се истражи најголемиот корупциски процес во државата – приватизацијата – која создаде недопирливи олигарси со монополи во клучни економски сектори, кои денес прават сè за да го блокираат европското интегрирање, од страв од фер конкуренција.

ДУИ бара истрагата да се прошири и на институциите на државната безбедност и нивните вработени од 1945 година до денес, затоа што само така може да се затвори едно темно поглавје од минатото и да се изгради држава каде никој не е над законот. Тие што немаат што да кријат – го прифаќаат ветингот.

Времето на моноетнички проекти и етничка супериорност е завршено. Северна Македонија може да се гради само заедно, во духот на мултиетничноста и еднаквоста, а не под плаштот на „борба против корупцијата“ да се реализираат агенди кои ја поткопуваат државата и ја заробуваат за да спроведат моноетнички цели.

ДУИ останува цврсто определена да ја води државата напред кон европската интеграција, со чисти институции, со независно правосудство и со општество кое става крај на бескрајниот транзициски период.

ДУИ