Премиерот Мицкоски, со своето однесување, изјави и постапки, постапува на начин кој ги поткопува стандардите и одговорноста што се очекуваат од еден државен лидер.
Ова се истакнува во денешното соопштение од ДУИ, партијата која две децении беше на власт и која заедно со коалициониот партнер СДСМ, како власт во надворешната политика правеа компрмиси на штета на Македонија, а внатре во државата криминалот и корупцијата достигнаа загрижувачко ниво. Сега, како опозиција и ДУИ и СДСМ секојдневно лиферуваат соопштенија против власта која го расчистува криминалниот смет што го оставија зад себе.
Во продолжение комплетното денешно соопштение од ДУИ:
Однесување што можеби би му се толерирало на претседател на партиска општинска организација, но никако на премиер на мултиетничка држава.
Тој урива сè што е градено со труд и посветеност со години – меѓуетничките односи, довербата меѓу граѓаните, лојалноста и чувството на заедништво во оваа држава.
Со напаѓање на клучните столбови на Охридскиот мировен договор – јазикот, балансерот, правичната застапеност, легитимитетот и Инспекторатот за употреба на јазиците – тој го доведува во прашање унитарниот и интегративен карактер на државата.
Затоа денес сериозно прашуваме:
Ако целта е уривање на Охридскиот договор – која е алтернативата?
Зашто во политиката нема вакуум. Ако толку жестоко се спротивставувате на договорот што донесе мир, интеграција, децентрализација и зачувување на унитарноста, тогаш мора отворено да кажете што нудите на негово место.
Граѓаните прашуваат. И сè повеќе се загрижени.
Ако има намерна промена на државниот курс, тогаш време е за отворена и искрена дебата за тоа која е алтернативата на Охридскиот договор.
Бидејќи ние не можеме бесконечно да ја носиме одговорноста за неговата неодговорност.
ДУИ