Лидерот на тн. огнена група и потпретседател на ДУИ, Изет Меџити, го поддржува предлогот на Алтернатива за формирање заедница на албанските општини во Македонија по примерот на Косово.
– Заедницата во Косово ќе има домино-ефект во регионот бидејќи граѓаните патуваат и споделуваат, нашите семејства се поврзани и половина се во Косово, а половина овде. Па, ако може Србите со 4 отсто да имаат асоцијација и да имаат видливи права, тогаш очигледно дека тоа ќе има ефект и врз Албанците коишто се најмалку 30 проценти во Македонија и претендираат за истите права, изјави Меџити.
Политичката партија Алтернатива, која неодамна реши да излезе од власта и да премине во опозиција, преку соопштение повика да се започне иницијатива за формирање „Заедница на албански општини во С. Македонија“, по моделот за формирање ваква заедница на српски општини (ЗСО) во Косово.
Инаку, Алтернатива нема градоначалник ниту во една општина во Македонија.
– Во времето кога Косово се наоѓа пред финалниот договор за нормализација на односите со Србија и кога секој западен дипломат кој доаѓа во Приштина го повторува рефренот ’да се формира Заедницата на српските општини во Косово‘, прашањето што треба да се постави е зошто партиите на Албанците во С. Македонија, тие кои имаат општини (ДУИ, АА и Беса), не покренуваат иницијатива за основање на заедница на албанските општини во Северна Македонија со истите надлежности кои се бара да ги има Заедницата на српските општини во Косово. Ништо повеќе. Само толку“, се вели во соопштението од Алтернатива.