Судскиот совет соопшти дека, според прелиминарните резултати од гласањето за избор на член на Судски совет од редот на судии припадници на заедницата која е повеќе од 20 отсто од населението во Република Македонија, кое се одржа денеска, најмногу гласови освоил кандидатот Ханиф Зендели, 239, за разлика од неговиот противник Артан Лимани, кој имал 190 гласови, а кој во меѓувреме се повлече од трката за судија во Судскиот совет.
Од 494-те судии запишани во судскиот изборен именик, правото на глас го искористиле 466 судии, имало 37 неважечки ливчиња, а не биле употребени 28 гласачки ливчиња.
Претходно, претседателот на судски совет, Киро Здравев, информираше дека судијата Лимани во понеделникот се повлекол од трката за член на судски совет. Сепак, бидејќи ливчињата за гласање веќе биле испечатени и гласачкиот материјал се делел по избирачките одбори, неговото име останало на ливчето, па судиите кои гласале можеле да го заокружуваат и неговото име.