Тој посочи дека одговорноста на сите е многу голема бидејќи станува збор за најголемиот судски процес од осамостојувањето до денеска за едно од најтешките кривични дела.
– Како дејствија на извршување на обвинетиот се наведува „со неиздавање наредби за распоредување на дополнителни полициски сили за обезбедување внатре и надвор од Собранието” и со тоа наводно дозволил да се случи дејствието во законодавниот дом. Затоа сметам дека со пола реченица наводно дејствие не е доволно за некој да биде обвинет за вакво кривично дело, изјави Дуковски.
Посочи дека во ниту еден момент не смее да постои дилема како е сторено кривичното дело, дали со неиспраќање полициски сили или со тоа што Крсто Мукоски ги отворил вратите од Собранието, без што толпата првично не би можела да влезе во Собранието.
– Сите можеме некого да сакаме или мразиме, но во судска постапка се почнува и завршува со докази за конкретното кривично дело. Овде такви нема, изјави Дуковски, нагласувајќи дека биле изнесени докази за ангажирани полициски сили и дека биле одобрени сите дополнителни побарани полициски водови.
Посочи дека Митко Чавков е невин и не сака да префрла вина, но имаме ситуација каде министерот за внатрешни работи Агим Нухиу имал право да побара дополнителни сили, но не побарал и не му фали ниту влакно, додека Митко Чавков, кој преземал дејствија за обезбедување дополнителни безбедносни сили се соочува со десет години затвор.
По Дуковски, завршни зборови пред Судот треба да дадат и адвокатите на останатите 16 обвинети во овој случај, по што можност да изнесат завршни зборови ќе имаат и сите 17 обвинети.
Завршни зборови на минатото рочиште изнесе јавното обвинителство, кое е застапник на обвинението за случајот „27 април“, во кој првично беа обвинети 33 лица, но согласно Законот за амнестија помилувани беа вкупно 15 лица.