Шефот на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал, Алтин Думани, изјави дека корупцијата на високо ниво во Албанија се спроведува на софистицирани начини, при тоа наведувајќи бројка за високи функционери кои паднале во мрежата на СПАК.

-Во борбата против корупцијата под истрага се 33 високи функционери, за 19 од нив веќе се води судска постапка. Во текот на 2024 година имаше правосилни казни за десет јавни функционери. Истрагите докажаа дека корупцијата се одвива на софистицирани начини, рече Думани презентирајќи го годишниот извештај во Високиот совет на обвинители.

Тој презентираше состојба на запленети средства, кои „бележат значителен раст споредено со претходната година“.

-Во споредба со 2023 година, вкупната вредност на запленетите и конфискувани средства е повисока за 59 отсто. Вредноста на запленетите средства е 28,7 милиони,  а на конфискуваните 36,7 милиони евра. Бројот на затвореници од истрагите на СПАК е 9,5 отсто од вкупниот број затвореници. Имаме 145 предмети со 765 обвинети, а судењето продолжува за 91 предмет, нагласи Думани.

Според него, се забележува намалување на пријавите од Државната полиција, но се зголемуваат случаите иницирани од граѓаните, што е „ показател за зголемена доверба во СПАК“.

Фото: СПАК