Во Струга се случува еколошка катастрофа, на која се неми локалната самоуправа и Министерството за животна средина, кое не презема одговорност за да го спречи урбаното дивеење во Охридското Езеро. Дали сте запознаени со она што се случува во Струга?
Ова прашање му го постави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуроска на денешната седницата за пратенички прашања на министерот за животна средина Садула Дураки, барајќи да даде одговор за најновиот еколошки скандал во Струга со палењето трска на крајбрежјето на езерото.
Дураки одговори дека со палењето на трската на крајбрежјето на езерото во Струга е нанесена штета врз животната средина.
– Во делот на трската има многу видови животни, флора и фауна, риби, место е каде се хранат и живеат одредени птици, но и желки. Министерството беше во постојани контакти со Инспекторатот за животна средина и Инспекторатот за шуми и имаат постапено во местата каде е запалена трската. Во постојано набљудување сме на оваа ситуација, заедно со инспекторатите на Хидрометеоролошкиот институт во Охрид, која го набљудува екосистемот во Охридското Езеро, рече Дураки.
Посочи дека мислењето на експертите на оваа институција треба да даде јасни упатства за начинот на третманот на појасите со трска во Охридското Езерто и со почитување на законодавството истото ќе може да се реставрира и обнови делот што е оштетен.
Рече дека на 22 јануари годинава на владината седница е донесена Годишна програма за заштита на природата за 2019, при што се предлага да се изготви Студија за валоризација на природните вредности во Охридското Езеро во рамки на проект од УНДП. Студијата, рече тој, ќе даде податоци за состојбата на биодиверзитетот и ќе определи категорија на заштита, предлог на надворешните граници на заштитеното подрачје, видови заштитени подрачја и нивна распределба…
– Согласно Законот за заштита на природата ќе се изготви студија за валоризација на природните вредности на заштитеното подрачје на Охридското Езеро, со цел утврдување на реалната состојба и обебзедување на експерти за изготвување на актот за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје по вторпат. Охридското Езеро веќе е прогласено за заштитено подрачје, но со сето ова што го набројав, повторно ќе се прогласи. Мерките што се преземаат во сорабока со УНДП и министерството се финансира грант на невладината „Крсто Јон“ од Струга и главна цел е заштита и локализација на трската во Охридското Езеро, посочи Дураки.
Затуроска му порача на Дураки дека не треба да ја набљудуваат ситуацијата, туку веднаш да реагираат, затоа што истата е алармантна.
– Додека изработувате програми и студии се ќе се уништи. Ништо конкретно не кажавте што конкретно ќе преземете – трската се пали, се става чакал, се преминува во градежно земјиште. Ќе се градат хотели внатре во Охридското Езеро и кажувате ќе изработувате студија неколку години! Одземете ги ингеренциите на локалната самоуправа, таму се случува еколошка катастрофа, му одговори Затуроска на министерот Дураки.