Владата и Министерството за економија и труд се отворени за дијалог со социјалните партнери за промена на формулата за усогласување на минималната плата, пресметка според медијалната плата, и за нови колективни договори, но сите решенија мора да се носат врз основа на реални економски параметри – порача денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на брифинг со новинарите.

На брифингот Дурмиши најави и два нови јавни повици со вкупна финансиска поддршка од седум милиони денари, наменети за унапредување на конкурентноста на домашните компании од преработувачката индустрија.

Дурмиши категорично ги отфрли критиките во јавноста поврзани со новиот Закон за јавните претпријатија во државна сопственост нагласувајќи дека не се планира продажба на државниот удел.

– Имаше една работна група, која беше вклучена во изработката на овој закон, на предлог-законот, преку работни групи и имаше можност во тоа време своите забелешки да ги даде. Но во тоа време не ги даде, не знам зошто, а предлог-законот беше донесен, ставен на ЕНЕР, каде што имаат пристап сите здруженија и сите граѓани. Пред да дојде до владина процедура, 20 дена имавме обврска да биде ставен на ЕНЕР. Уште поважно, законот е дел од реформската агенда, каде што неговата примена ќе се одложува за една година. Примената на законот ќе почне една година по донесувањето за да има време сите институци што се поврзани да се приспособат – рече Дурмиши.

Во однос на прашањето за минималната плата и најавите за синдикални притисоци пред редовното законско усогласување во март в година, кое според постојната формула предвидува по 50 проценти од трошоците за живот и од порастот на просечната плата, Дурмиши посочи дека од вкупно 750 илјади вработени во државата, минимална плата примаат речиси 30 илјади.

– Од сите овие вработени, само 30 илјади граѓани земаат минимална плата. Кога ги правиш во проценти, тоа е 4 или 5 проценти. Но, од тие 30 илјади знаеме дека имаме многу трговци поединци, т.е. сами си имаат регистрирано компании. Не може јас како сопственик на компанија, каде што сум сам газда, да имам приходи од работата, јас од таму да пуштам поголема плата од минималната, да плаќам повеќе придонеси. И таа бројка од 30 илјади, ако ја поделиме на две парчиња, едното доаѓа за овие што се трговци поединци, околу 2 проценти од нашите граѓани што ги имаме вработено земаат минимална плата. Другите 98 проценти не земаат минимална плата. Ова да биде јасно, другото е сѐ политика – истакна Дурмиши.

Најави дека прашањето за висината и начинот на пресметка на минималната плата набргу ќе биде отворено пред социјалните партнери во рамките на Економско-социјалниот совет.

– Ќе видиме, на некој од Економско-социјалните совети оваа година сигурно ќе биде ставено и ова на маса да се дискутира. Ајде да се договориме за колективниот договор. Затоа што има одредени институции во кои раководител на сектор зема повеќе плата од министерот или повеќе плата од некој друг што работи многу повеќе. Кога ги разгледуваме овие барања, тие се спротивставуваат. Ајде да седнеме и да ја промениме формулата за пресметување на минималната плата – рече Дурмиши додавајќи дека при носењето на одлуките мора да се земат предвид сите економски фактори, како што се инфлацијата, куповната моќ, невработеноста, сивата економија, како и кондицијата на преработувачката индустрија, производството и приватниот сектор.

Дурмиши информира и за динамиката на реализација на мерките од реформската агенда посочувајќи дека Министерството за економија и труд досега исполнило пет клучни чекори, од кои државата очекува речиси 20 милиони евра приходи од Европската Унија по добивањето на официјалната потврда.

– Сите овие мерки се во фаза на евалуација на документи или контроли на терен за сите, па на крајот, кога ќе биде сѐ завршено, ќе излеземе со бројки колку проценти се реализирани, колку не – посочи Дурмиши.

Тој појасни дека очекуваните финансиски средства од ЕУ ќе бидат наменети за сервисирање долгови, капитални инвестиции и стручна поддршка.

– Овие средства ќе бидат поделени на три дела: едниот ќе биде за сите, тој дел ќе оди во Министерството за финансии, во буџетот на државата, за покривање на долговите што ги имаме, кредитите; другиот ќе оди за капитални инвестиции и третиот ќе оди за поддршка на експерти што ќе ни помагаат за натаму да ги исполниме чекорите – појасни Дурмиши.

Меѓу реализираните чекори во надлежност на ресорот, министерот ги издвои оптимизацијата и намалувањето за 20 проценти на парафискалните давачки, во соработка со институциите од областа на економијата, трудот, Централниот регистар и Царинската управа, подготовката на предлог-стратегијата за корпоративно управување со претпријатијата во државна сопственост за периодот 2026 – 2030 година, воспоставувањето на јавниот регистар на претпријатија во државна сопственост, како и зголемувањето на инспекциските надзори за сузбивање на неформалната економија – за 20 проценти кај Државниот пазарен инспекторат и 15 проценти кај Државниот инспекторат за труд.

Во однос на пресметката на просечната потрошувачка кошничка, министерот Дурмиши најави дека веќе од септември продолжува работата за нејзино конечно финализирање по што ќе следува и повратна информација од институциите на Европската Унија за исполнувањето на преземените реформски обврски. (МИА)