Во 2025 година во Македонија биле произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат, при што рударството учествувало со 10,9 проценти во индустриското производство и со 2,8 проценти во вкупниот извоз на државата – истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на одбележувањето на Денот на рударите.
Таа посочи дека во истата година приходите од концесиски надоместоци достигнале над 1,22 милијарда денари, што е историски највисока наплата, а позитивниот тренд продолжува и во 2026 година.
– Овие резултати не се случајни. Тие се производ на подобрениот систем на наплата, засилениот институционален надзор, почестите контроли и поодговорниот однос кон користењето на природните ресурси, кои се добра од општ интерес – истакна Божиновска.
Министерката нагласи дека рударството претставува значајна стопанска гранка и основа за развој на многубројни други индустрии, но додаде дека безбедноста на работниците мора да остане врвен приоритет.
– Ниеден тон произведена руда и ниедна инвестиција не вредат повеќе од човечкиот живот. Затоа безбедноста мора да биде култура на однесување во секој рудник, во секоја смена и на секое работно место – истакна Божиновска.
Според неа, целта на државата е развој на модерно, конкурентно и одговорно рударство, усогласено со европските стандарди, со јасни правила, силни институции и грижа за животната средина и локалните заедници.
Претседателот на Македонската асоцијација на рударството, Диме Петрески, пак, рече дека рударството има значајно место во економскиот и во индустрискиот развој на државата и дека неговата улога дополнително расте во услови на големи економски, енергетски и технолошки промени. Според него, без суровините што ги обезбедува рударството не може да се замислат современата индустрија, енергетиката, градежништвото и технолошкиот развој.
Тој нагласи дека современото рударство мора да биде одговорно, со високи стандарди за безбедност и заштита на животната средина, при што повика на создавање стабилен и предвидлив амбиент, што ќе овозможи нови инвестиции, отворање работни места и поголем придонес на секторот во економскиот развој.
Деканот на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Ѓорги Димов, посочи дека рударството има длабоки корени во развојот на државата и дека в година ќе бидат одбележани 50 години високо образование во областа на рударството и геологијата.
Тој потенцира дека иднината на рударството е неразделно поврзана со заштитата на животната средина и примената на современи технологии.
– Рударството не е професија на минатото, рударството е професија на иднината. Тоа ќе биде рударство со ново лице, побезбедно, поефикасно, дигитализирано и поодговорно кон животната средина и заедниците – порача деканот.
Според него, потребни се кадри што ќе работат со дигитализација, автоматизација, вештачка интелигенција и со принципите на циркуларната економија, а рударството треба да биде побезбедно, поефикасно и поодговорно кон природата и локалните заедници.
Катерина Новакова од рударскиот сектор истакна дека рударството во Македонска Каменица е дел од идентитетот и секојдневниот живот на локалното население додавајќи дека зад резултатите на еден рудник стојат голем број професии, знаење и одговорност.
Таа нагласи дека современото рударство се менува преку воведување нови технологии, подобрување на безбедносните стандарди и посилна грижа за животната средина. Според Новакова, успехот на еден рудник повеќе не се оценува само според произведената руда, туку и според безбедноста на работниците, управувањето со влијанијата врз животната средина и придобивките за идните генерации. Таа исто така посочи дека потребно е поголемо вклучување на жените во секторот преку еднакви можности за професионален развој и напредување.
Долгогодишниот рудар Љубе Колев истакна дека работата во рудникот е сложена и бара постојано внимание, особено при ракување со тешката механизација и работа при разни теренски услови.
Тој посочи дека во текот на годините се забележливи позитивни промени, со подобра механизација, подобра организација на работата и поголемо внимание на безбедноста. Според Колев, успешен работен ден е оној во кој задачите се завршени квалитетно, машините се оставени исправни за следната смена и сите работници се враќаат дома здрави и безбедни.
Научниот соработник од МАНУ, Александар Дединец, пак, нагласи дека рударството ќе има клучна улога во процесот на декарбонизација и зелената транзиција. Тој посочи дека Стратегијата за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минерални суровини до 2046 година е тесно поврзана со националните развојни и енергетски политики.
– Декарбонизацијата не значи свет без минерални суровини; напротив, таа значи свет во кој потребата од нив ќе станува уште поголема – истакна Дединец.
Според Дединец, развојот на обновливите извори на енергија, батериите, електричните возила и современите технологии бара сè поголеми количини минерални суровини. Тој истакна дека Македонија располага со значителен минерален потенцијал и дека одржливото искористување на овие ресурси може да претставува важна развојна можност во услови кога Европа настојува да обезбеди сигурно снабдување со критични суровини.
По повод Денот на рударите, министерката Божиновска додели благодарници на најуспешните рудари и лица поврзани со рударството. (МИА)




