Министерката за финансии Нина Ангеловска вчера на прес-конференција во Владата порача дека Буџетот е во добра кондиција и оти финансиите се стабилни, но нејзината изјава наиде на реакција од дополнителната заменик министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска која повторно праша зошто се оди кон задолжувања ако Буџетот е во добра кондиција.

Според Ангеловска, со добра динамика се одвива проектот за субвенционирање на платите, како и повратот на ДДВ кон фирмите и оти само во првите 16 дена од месецов биле исплатени 926 милиони денари поврат на ДДВ кон фирмите, а преку наградната игра која е надполнување на мерката, досега се доделени награди во вредност од 1,8 милини денари.

Димитриеска Кочоска, пак, праша зошто повратот на ДДВ од 15 милиони евра го извршиле во јануари наместо во декември и дали на овој начин министерката ја изманипулирала јавноста со процентот на наплата на Данокот на додадена вреднот. Дополнително праша зошто фирмите чекале подолго време да го добијат повратот од ДДВ иако се борат со проблемот со ликвидност.

Ангеловска вчера информираше дека реализацијата на вкупни приходи изнесува 97 проценти и оти се очекува и годинава да има одлична реализација на приходната страна, а редовно се сервисира и расходната страна. Посочи дека ќе продолжи редовната исплата на пензиите, кои веќе од следниот месец ќе бидат зголемени за 700 денари со исплата на јануарската пензија. Во 2020 година пензиите ќе пораснат за околу 900 денари, со што просечната пензија ќе изнесува околу 15.500 денари.

Ќе бидат исплатени и повисоки плати во образованието и здравството. Старите долгови редовно ќе се исплаќаат, а аукциите на државните хартии од вредност се одвиваат согласно однапред утврдениот календар. Јавниот долг е стабилен и изнесува 47,7 проценти.

Следниот месец, информираше Ангеловска, ќе се исплатат и повисоки плати за 10 проценти на околу 20.000 вработени во основното образование, осум илјади во средното, 4.500 во високото образование и 220 вработени во научните институции. Вкупното покачување на платите во основното, средното, високото образование и во науката, ќе изнесува 20,6 отсто со претходните две покачувања.

Во март, пак, ќе се исплатат повисоки плати и во здравството. Платите на лекарите специјалисти се зголемуваат за 25 посто, додека пак на медицинските сестри за 10 проценти. Кумулативно, со претходните зголемувања, основната плата на лекарот специјалист ќе биде повисока за 40 отсто, а на медицинските сестри помеѓу 20 и 23 посто.

До крајот на месецот, како што најави Ангеловска, треба да биде готова и платформата за јавен долг која ќе овозможи јасен преглед на целокупниот долг.

Ангеловска соопшти дека на 29 јануари ќе ја исплатат втората рата од ПБГ заемот од 2013 година од 155 милиони евра кои доспеваат во јануари. Кон крајот на годината, како што посочи таа, доспева и еврообврзницата од 2015 во износ од 2015 во износ од 180 милиони евра. Овие заеми, рече таа, ги рефинансираме по неколкукратно пониска каматна стапка, благодарение на довербата на инвеститорите и водењето на прудентната политика на јавен долг.

Во однос на оваа изјава дополнителната заменик министерка потсети дека каматните стапки се формираат на меѓубанкарскиот пазар на пари каде што еуриборот е основата на која што се додава одреден процент на ризик и на основ на тоа се формираат каматните стапки. Во моментот еуриборот е во минус, а, како што нагласи Димитриеска Кочоска, ние повторно плаќаме позитивни камантни стапки.

– За она што го кажа Ангеловска, дека побарувачката за државните записи на 14 јануари била многу поголема отколку понудата, ќе посочам дека ова е жално да го каже министер за финансии од причина што кога банките имаат вишок на ликвидност – да, тие даваат поголема побарувачка, бидејќи немаат каде да ги пласираат парите, а зошто немаат каде да ги пласираат парите заради тоа што фирмите тонат. Да ги погледнеме податоците од Народна банка и да видиме какви реструктуирања прават во кредитите, тонат во проблеми со ликвидност, немаат никаков интерес за инвестирање од оваа хаотична бизнис-клима и токму заради тоа побарувачката на 14 јануари беше толку повисока во однос на понудата, констатираше дополнителната заменик-министерка за финансии.