Дванаесет лица загинаа, а осуммина се повредени во пожар што избувнал во нелегален дом за стари лица во западниот дел на Шри Ланка, соопшти полицијата.

Пожарот избувнал синоќа во објектот во градот Ангуруватота.

Спасени се вкупно 55 лица, изјави полицискиот портпарол Фредрик Вотлер, додавајќи дека во домот биле сместени и лица со психички заболувања.

Директорот на установата е уапсен под сомнение дека предизвикал смрт од небрежност, а за случајот е отворена истрага.

Чатура Михудум, директор на Националниот секретаријат за грижа на стари лица, изјави дека установата не била официјално регистрирана како дом за стари лица и дека претходно добивала предупредувања да ги почитува важечките законски прописи и правила.

Тој додаде дека во објектот биле сместени значително повеќе лица од предвидениот капацитет. Домот располагал со легла за само 15 лица, но во него живеел 71 повозрасен жител.