На првата сесија „Промени 2017 – 2019: Од поделено и изолирано општество пред колапс, до стабилно, солидарно и почитувано општество“ ќе се обратат премиерот Зоран Заев и вицепремиерите Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски, Бујар Османи и Кочо Анѓушев.
Втората сесија е насловена „Агенда 2019 – 2020: Фокусот на Владата до крајот на мандатот“. Покрај премиерот Заев најавени се обраќања на новинарот Томислав Кежаровски, универзитетската професорка Беса Арифи, претседателот на МАНУ Таки Фити, претседателката на НВО „Амбрела“ и граѓанска активистка Љатифа Шиковска, директорката на „Хелсиншки комитет за човекови права“, Уранија Пировска, претприемачот Коста Петров и претседателот на Управен одбор на „НЛБ Банка АД Скопје“ Антонио Аргир. Дискусијата ќе ја модерира Џабир Дерала, претседател на Цивил – центар за слобода.
Актуелниот владин состав беше избран во Собранието на 31 мај 2017 година. Во обраќањето пред пратениците пред две години премиерот Заев најави дека неговиот кабинет, кој брои 25 министри, ќе работи на реформи во судството, Парламентот, тајните служби, медиумите, институциите,.. како и на развој на економијата и подобрување на стандардот на граѓаните, зголемување на минималната и просечната плата. Наша цел, рече тогаш Заев, е почеток на преговори со ЕУ и членство во НАТО во најкраток рок.
На надворешно-политички план работата на Владата ја одбележаа преговорите со Грција за долгогодишниот спор за разликите околу името, коишто беа заокружени со Преспанскиот договор на 17 јуни минатата година, измените на Уставот за стапување во сила на Договорот, а по што следеше и потпишување на Протоколот за членство во НАТО и стартуваше неговата ратификација. Претходно, Владата на Заев го потпиша и Договорот за добрососедство со Бугарија.
За интеграциите во Европската унија, пак, државата доби безусловна препорака да почне преговори, Владата очекува одлука за нивен старт месецов, а дали тоа ќе се случи ќе се знае по претстојниот состанок на Советот на ЕУ во Луксмебург. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера од паркингот на Скопско Кале на симболичен начин – поаѓајќи со автобус го означи почетокот на новото поглавје на европските интеграции на држвава. Османи е дециден дека оваа година почнува преговори иако не се знае дали тоа ќе биде на јунско-јулските самити или потоа и ги повика граѓаните да бидат оптимисти и горди на тоа што сме го постигнале, а што е нотирано во Извештајот на Европската комисија.
Една година по изборот на Владата во Собранието се случи првата реконструкција кога беа избрани четворица нови министри во ресорите правда, образование, култура, и еден без ресор за странски инвестиции.
Најавата за втората реконструкција се случи пред заокружувањето на две години од владеењето на Владата на Заев. Промените беа најавени по резултатите од првиот круг на неодамнешните Претседателски избори. Премиерот најави нова реконструкција, а имињата на новите министри и за останатите кадровски промени рече дека ќе ги соопшти до средината на месецов.