Силно невреме, проследено од најмалку 19 торнада, доцна синоќа погоди пет држави во централниот дел на САД, предизвикувајќи големи штети.
Откако едно од торнадата погоди старечки дом во местото Моне, во сојузната држава Арканзас, судијата на округот Крегхед, Марвин Деј,изјави дека едно лице загинало.
-Сите беа извадени од домот за стари лица и заштитени. Отворивме центар за тријажа во локалното училиште каде што голем број луѓе се лекуваат, а други се транспортирани во локалните болници, изјави градоначалникот Боб Бланкеншип, пренесува Си-Ен-Ен.
Во осум милји одалечениот град Личвил, загина уште едно лице, за Си-Ен-Ен изјави шерифот на округот Мисисипи, Дејл Кук.
Торнада се регистрирани во Арканзас, Мисури, Тенеси, Кентаки и Илиноис, се наведува во соопштението на Центарот за предвидување бури на Националната управа за океани и атмосфера.
Над 55 милиони лица ширум САД вчера се најдоа во опасност од невремето, а најмалку 157.000 домаќинства останаа без струја.