Паралелно со борбите, со тенкови и куршуми во Украина, во светот се води тешка и валкана пропагандна војна во медиумите и на социјалните мрежи.
Корисниците на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, во некои земји, ќе добијат дозвола да повикуваат на насилство против Русија и руските војници откако компанијата „Мета“ привремено ја промени својата политика за говор на омраза. Истовремено ќе бидат дозволени објави во кои се посакува смрт на Владимир Путин и Александер Лукашенко.
Ова ќе биде дозволено во Русија, Украина, Полска, Ерменија, Азербејџан, Естонија, Грузија, Унгарија, Летонија, Литванија, Романија и Словачка.
– Како резултат на руската инвазија на Украина, привремено ќе дозволиме форми на политичко изразување кои вообичаено би ги кршеле нашите правила, како повици ‘смрт на руските војници‘. Поттикнување насилство против руските цивили нема да биде дозволено, соопшти „Мета“.
Оттаму додаваат дека говорот на омраза ќе биде дозволен само во контекстот на инвазијата на Украина. „Мета“ ќе дозволи и величење на украинскиот крајнодесничарски баталјон „Азов“, што инаку е забрането.
Минатата недела, Русија ги блокираше Фејсбук и Твитер откако тие воведоа рестрикции за руските медиуми.