Начинот на кој е поставено референдумското прашање иницирано од пратеникот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев, може да создаде проблем во понатамошната постапка, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери.
– По однос на содржината на прашањето, тоа е само потсетување, не е моја обврска да навлегувам, потсетувам дека начинот на кој е поставено прашањето, може во понатамошната постапка да направи проблем, во смисла на она што укажуваат не јас, туку институциите во држава, кои утврдуваат дека таквите прашања не се општ правен акт, така што јас само го потсетувам на укажувањето на другите институции, изјави Џафери на денешната заедничка прес-конференција со претседателка на Националниот совет на швајцарскиот Федерален парламент, Ирене Келин, во одговор на новинарско прашање.
Тој додаде дека подносителот на иницијативата за референдум има двегодишно искуство како пратеник и се надева оти му е позната одредбата од членот 135 од Деловникот, на кој што го упатува, бидејќи таа е јасна и прецизна по кој основ треба да се доуреди барањето.
– Во секој случај ќе видиме во која насока ќе се исполнат барањата во законски предвидениот рок, додаде Џафери.
Претходно Апасиев изјави дека враќањето на нивната иницијатива за референдум од страна на претседателот на Собранието е само „купување време“, но дека тие ќе ја направат корекцијата во дадениот рок и повторно ќе ја поднесат.