Претседателот на Собранието Талат Џафери на сите православни верници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, граѓани на Република Македонија им го честита големиот христијанскиот празник Св. Климент Охридски, празник на основоположникот на црковниот живот во Македонија и ревносен ученик на светите браќа Кирил и Методиј.
-Неговиот лик и дело е најдобар пример за симбиозата меѓу духовната и просветителската мисија, најдобар пример за тоа како да се допре до срцата и умот на следбениците за да се постават солидни основи за произведување на трајни вредности кои покрај тоа што се значајно наследство за идните поколенија, се и скапоцен дар за светското духовно и просветителско наследство. Затоа, обврска и чест е посветено да се негува тоа наследство, да се надгради и збогати со сета духовна и просветителска разноликост што е одлика на нашето општество. Просветлувањето на умот и издигнувањето над тесно градното гледање на светот е единствениот пат на обединувањето на граѓаните за напредокот на нашата заедничка држава, РС Македонија, напиша Џафери во честитката по повод празникот.