Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја закажа за четврток во 11:00 часот седницата на која треба да се гласа доверба на Владата.
-Информираме дека во Собранието на Република … Македонија е доставено Барање за гласање за доверба на Владата на Република Северна Македонија и истата е архивирана од надлежните служби. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, согласно член 215 став 2 од Деловникот на Собранието на Република … Македонија, ќе ја свика седницата за поставеното барање за гласање доверба на Влада, а седницата ќе се одржи на третиот ден од денот на поставување на прашањето за доверба на Владата, односно во четврток, на 11 ноември 2021, во 11.00 часот. Според член 215 став 3 од Деловникот на Собранието, рокот за свикување седница почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата, наведува Кабинетот на Претседателот на Собранието.
Кабинетот додава и дека за сите чекори и процедури, како и досега, претставниците на медиумите ќе бидат информирани преку надлежните служби во Собранието.