Претседателските и парламентарните избори ќе бидат распишани истовремено на 14 или на 15 февруари, а Собранието ќе работи до почетокот на април, кога и формално треба да почне кампњата за претседателските избори, вели во интервју за МИА, претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ќе биде технички премиер во техничката влада.
Во врска со тоа дали ги реализирал целите, што си ги поставил како претседател на Собранието, Џафери посочува дека имајќи предвид дека е во втор мандат како прв човек на законодавниот дом, реализирал повеќе важни активности за работата на Парламентот. Меѓу првите реализирани ја посочи финансиско-буџетската независност, потоа одредувањето посебен статус на собраниската служба во однос на службите во другите институции со Законот за Собранието, ги спомена и пуштањето во употреба на студиото на собранискиот канал, носењето на новиот Деловник за работа на Собранието што ќе се применува од следниот мандат, доградениот системот на обезбедување од пожари, доградениот системот на надзорот и внатре и надвор на законодавниот дом. Џафери во интервјуто посочува исто така дека има нов систем на гласање и водење на седници, а салите за работа на комисиите се опремени со соодветна техника и технологија за да може седниците на комисиите да се пренесуваат директно, паралелно со директниот пренос на собранискиот канал на пленарната седница.
-Ни останува отворено да продолжиме, значи и во текот на наредната година и во наредниот мандат, статусот на внатрешното обезбедување на Собранието, коешто го почнавме, идејна согласност од сите засегнати страни има. Таа идеја треба да се доработи и да се претвори во соодветни законски измени и со закон да се регулира статусот на обезбедувањето, имајќи ги предвид надлежностите што ги има обезбедувањето внатре, кое ќе биде во Собранието, а тоа е во соработка со Бундестагот на Германија. Искуствата се црпат од таму, експерти соодветни од Бундестагот од таа сфера беа на лице место да ги видат и периметарот, надворешниот простор, просторот внатре, просториите, за да имаат конкретна перцепција во однос на потребите на Собранието, рече Џафери.
За тоа што се случува со глувата соба, вели дека во тек е реализицијата и оти рокот за завршување е при крај.
-Соодветната комисија и надзорниот орган секојдневно ја следат работата. Според најновата информација се чека доставата на ѕвончето, значи на елементот парадејовиот кафез да се достави и да се монтира. И се надеваме дека до крајот на јануари како што е планирано да бидат завршени градежните работи и да се пристапи кон техничкиот прием, и пуштањето во употреба, рече Џафери.
Искуствата се земаат од словенечкиот Парламент. По завршувањето на градежните работи ќе треба да се подготват кадри да можат да работат со класифицирани материјали.
На прашањето за забелешките од страна на дел од експертската јавност во однос на филибастерингот и одбивањето на амандманите на Левица и за тоа дали од денешна перспектива тоа можеше да се реши поинаку, претседателот на Собранието вели дека во однос на филибастерингот го посочуваат примерот на Конгресот во САД.
-Меѓутоа филибастерингот и блокадата на нашето Собранието не е истоветвено. Ние имаме тотална блокада на работа на Собрание, врз база на Деловникот, за се и сешто, вели Џафери.
Не сака да се докажува со фелата, како што рече, но ги упатува колегите во пракса да се постават во ситуација да го спроведат она што им е стручност.
– Периодично се прават анкети на јавната перцепција на граѓаните во однос на состојбите во Собранието, над 70 отсто од граѓаните не одобруваат ваков начин на блокирање на Собранието, потенцира Џафери.
Потсетува дека процесот за носење на новиот Деловник е воден речиси шест години и дека е работено во два мандати, но исто така изразува задоволство од консензусот што е постигнат без оглед, како што вели, што никаде во светот не можете да сметате на сто отсто согласност.
-Ова не е ЕУ, во смисла да е потребна согласност од сите членки, ниту е НАТО организацијата каде е исто така принципот на консензус, еден против значи ништо, рече тој, потсетувајќи дека Деловникот беше донесен со 118 гласа „за“ и двајца „против“.
Џафери не одговара директно на прашањето дали соработката со опозицијата во последните месеци за Деловникот, за двете одлуки за прераспредлба на средства од Буџетот, носење закони и друго, се должи на изборите или на нешто друго. Сепак нагласи дека можеби станува збор за согледување на она што значи добро решение.
Посочува на годишните извештаи на Европската Комија во делот на забелешките за носење зкаони по скратена постапка и со европско знаменце, потенцирајќи дека и власта и опозицијата посегнуваат по овој механизам.
-Извлеков статистика, над 70 отсто од овластените предлагачи, дали од власта, дали од опозиција, иако свесни за укажувањето на ЕК дека скратените постапки се проблем, посегнуваат по процес на скратена постапка, вели Џафери и додава новиот Деловник ги прецизира сите рокови во овој процес.
На прашањето што беше предизвикот да биде премиер во техничка Влада, Џафери одговара дека тоа е одлука на органите на ДУИ, кои донеле одлука да го номинираат.
-Кога веќе учествувате во политичкиот живот нема многу избор, сакам, не сакам, рече Џафери и додаде дека не поставувал услови, при прифаќањето на предлогот тој да биде технички премиер.
-Јас никогаш не сум поставувал услови да бидам или да не бидам под овие услови или оние услови. Мислам дека доволно сум во јавниот живот како носител на различни функции и задачи, и сметам дека воглавно сите си го знаат и карактерот и односот кон она што е задача, кон она што е преземена обврска. Јас, и при првата изјава, кога ми соопштија во Париз дека сум номиниран кажав дека за мене тоа е прво чест, да се довери една таква функција, но истоветно и одговорност. И затоа свесно, совесно ја прифатив номинацијата и сум подготвен да ја прифатам задачата, со сите мани што може да ги има извршувањето на функцијата, имајќи предвид дека тоа е носител на највисока извршна функција. Искуствено сум бил дел и од извршната власт, рече Џафери, во интервју за МИА.
Вели дека се подготвува за оваа нова функција, бидејќи како што рече, „без подготовка никаде не се оди“. Ја познава работата на Владата и сите нејзини надлежности, а во однос на составот на нема проблем со тоа кој да биде дел од таа влада.
-За мене не е прашање кои ќе бидат персоналните решенија во составот на таа влада. Јас ја надминав 40-та година работен стаж и сиот тој стаж ми е работа со возрасни луѓе, што е специфично во смисла што за возрасните луѓе секој е свет за себе, секој си има свои навики и свои потреби, искуствено значи знам да се носам со такви ситуации, во смисла на она што е комуникација. И во тој контекст мислам дека не би требало да имам никаков проблем. Во однос на надлежностите што ги има владата, без оглед што е техничка, таа е првенствено да се добие доверба во изборниот процес, што претстои, да се подготви, да се спроведе соодветно како што е предвидено со Законот. Но тоа не значи дека другите надлежности се оставени да висат на страна некаде, тоа се истоветно надлежности на таа влада, без оглед на нејзиното име, техничка, широка, која и да е, надлежностите се исти покрај подготвките на соодветен изборен процес, рече Џафери.
На прашањето какви гаранции ќе и даде на опозицијата дека нема да дозволи да дојде до изборни манипулации и нерегуларности, изјави дека законската обврска за спроведување на изборите ја има Државната изборна комисија (ДИК), а од него, како технички премиер, таа ќе ја има целокупната поддршка и помош.
-Во Изборниот законик се предвидени сите надлежности на Државната изборна комисија во однос на процесот на спроведување на изборниот процес, подготовка на учесниците, на извршителите од избирачкото место па до највисокиот изборен орган. Надлежноста е нивна, организациска, административна, законската обврска да спроведат. Од мене, впрочем, како што и претходно кај што сум бил, од мене, од таа влада што ќе ја водам, од тие луѓе, ќе ја имаат поддршката за секоја потреба што ќе ја имаат. Секако тука се и судските органи кои што во соодветни ситуации, не би му посакал на никого тоа да му се случи да се судри со закон и да има работа, оти искуствено се знае како завршија сите тие што учествуваа во нередите. Нема потреба никој да го разбере тоа како закана, рече Џафери.
За неговиот однос со претставниците на опозицијата и довербата, смета дека доволно време работел со опозицијата сега, а претходно и како мнозинство без оглед на оние јавни реплики во смисла на дневна политика.
Џафери во интервјуто за МИА вели дека е рано да се впушти во комуникација со опозицијата за имињата потенцијалните министри и дополнителни заменици министри од опозоцијата.
За прозивките од Европскиот сојуз за промени во однос на членот на ДИК и најавите за бојкотирање на Собранието, претседателот на Парламентот посочува дека тој не се раководи од ничија закана, туку од процедурите и прописите.
-Вие знаете неколкупати јавно сум ги упатил, читајте ги прописите и процедурите до крај ќе знаете до кај сме. И повторувам работава што се однесува до мене, до оваа фаза е завршена. Јас ја чекам наредната фаза кога ќе дојде до мене. До мене треба да дојде предлог од Комисијата за избори и именувања. Тој предлог штом ќе го добијам од моментот штом ќе го добијам прва наредна седница ќе биде ставен за расправа на седница. Тоа е процедурата, објаснува Џафери но не кажува која е беше причината што досега не добил предлог од Комисијата.
За тоа уште колку седници ќе има Собранието до изборот на техничката Влада и дали на тие седници ќе биде изгласан членот на ДИК и измените на Изборниот законик, најавува дека пред да се оди на новогодишни празници, ќе биде свикана нова седница од 13 до 15 јануари во зависност од работните денови.
-После таа седница последователно организациски да се види динамиката на седници по однос на постапувањето за избор на техничка влада, за избор на нов претседател на Собрание, рече Џафери.
Претседателот на Собранието најавува дека од средината на јануари треба да почнат формално – правните постапки за подготовка за избор на техничката влада, која треба да работи на реализација на изборите за народни избраници на 8 мај. Како ќе се одвиваат овие промени во смисла на тајмингот ќе се знае најверојатно од 9 јануари кога ќе се одржи првата координација со пратеничките групи во 2024 година. Според него, до 20 јануари би бил избран новиот претседател на Собранието.
-Во секој случај тоа се специфични ситуации кои се надвор од оние процедури деловнички кои Деловникот ги пропишува за редовни функции и постапки. Секако дека ќе има посебна седница за избор на претседател на Собрание и секако дека ќе треба да има посебна седница за избор на Влада, затоа што претседателот на Собранието, односно јас како номиниран за функцијата премиер не ќе можам истовремено да сум и мандатар и претседател на Собранието. Од таа причина треба прво да се расчисти прашањето за моето повлекување од Собранието, за да можам формално да прифатам, вели во интервјуто за МИА Џафери.
Тој рече дека најнапред треба да се случи неговото повлекување и изборот на нов претседател на Собранието.
-Без оглед што сум во оставка додека не се конбтатира на седница јас формално сум и претседател на Собранието, што значи дека тоа се техниките што ќе треба да ги ставиме во тајминг на којшто работиме во меѓувреме и на наредната средба на 9 јануари е редовната координација и дотогаш ќе ги имаме расчистено сите ситуации и да можеме да дадеме конкретна динамика, на која седница и како. Но, во секој случај мора да оди моето повлекување и избор на новиот претседател за да може да има претседател (на Собранието), којшто ќе прими програма и состав на новата Влада, вели Џафери.
Според него, некаде до 20 јануари би бил избран новиот претседател на Собранието.
Следен на листата на пратеници во ИЕ 5 што треба да го замени во Парламентот е министерот за образование Јетон Шаќири, а ако, како што вели Џафери, евентуално тој остане во составот на Владата, наредниот после него е Муса Ибраими.
Џафери рече и дека претседателските и парламентарните избори ќе бидат распишани истовремено на половината на февруари – 14 или 15, а оттогаш почнуваат и обврските на Државната изборна комисија (ДИК).
-Според тајмингот ако веќе се знае датумот за првиот круг претседателски, и датумот за парламентарните избори очигледно дека миниумот е 70 дена пред денот на избори, а максимумот е 90 дена така што, во оваа ситуација се исполнуваат условите истиот ден да се распишат изборите и за претседателски и за парламентарни. И мислам 14, 15 февруари сега конкретно треба да се видат бројките, половина на февруари е кога треба да се распишат изборите и со тоа почнуваат обврските на ДИК во смисла на Избирачки список, на рокови. Кампањата е 20 дена. Почнува пред денот на гласање, значи ако е 24 април гласањето прв круг (за претседателски избори), вели Џафери.
Кампањата за овие избори треба да почне на 4 или на 5 април, а потоа паралелно неколку дена ќе има и кампања за парламентарните избори, имајќи предвид дека од 24 до 8 мај има 14 дена.
-Во таа ситуација е непишано правило Собранието да работи само по потреба, појаснува Џафери.
За тоа дали тој лично сака да се кандидира на парламентарните избори, вели дека има се уште што да даде и на општеството и на ДУИ и на институциите.
-Сум кажал, мислам дека имам се уште да давам и на општеството и на субјектот и воопшто на институциите во тој контекст. Но во крајна инстанца тоа е политика, тоа е работа на органите на партија. Во принцип знаете јас 2006, 2008 не сум бил во ниедна комбинација. Тоа си го прифатив онака како што беше одлучено во партијата и нема причина поинаку да се однесувам до колку сум прифатил да бидам дел од една организација која што соодветно на околностите треба во соодветно време да има соодветни одлуки. Така да, не сум оптоварен со тоа. Повеќе размислувам за она што следи, како обврска и задача да ја извршувам, одошто на она што после тоа следи во текот на изборниот процес, изјави во интервјуто за МИА Џафери.
Во продолжение следува целото видео интервју со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Елизабета Вељановска Најдеска
Фото: Дарко Попов
Видео: Аслан Вишко