Македонија и Обединетите Арапски Емирати имаат одлични односи кои се карактеризираат со пријателски врски и стабилни политики, но, соработката меѓу двете држави треба да се интензивира и да се продлабочува на сите нивоа вклучувајќи го и парламентарното, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната средба со неговиот домаќин, спикерот на Федералниот национален совет на Обеднетите Арапски Емирати Сагар Ал-Гобаш.

Џафери на средбата рече дека се надева дека досегашното одлично ниво на дијалог, соработката, меѓусебното почитување и разбирање ќе продолжи со иста динамика во иднина, што ќе резултира со корисна соработка во сите области од заеднички интерес, бидејќи ги поддржуваме истите заложби за мир и стабилност, регионално и глобално.

Македонија, кажа тој, веќе е членка на НАТО и пред почеток на преговори со ЕУ.

Во таа насока, Џафери очекува натамошно интензивирање на односите, особено парламентарната соработка каде што потенцијалот за унапредување е значителен, како на ниво на пратенички групи за соработка, така и на ниво на комисии.

Претседателот на Федералниот национален совет на ОАЕ Ал Гобаш изрази задоволство што се реализира оваа прва историска посета на претседател на Сиобранието на Македонија на ОАЕ, особено што во делегацијата, исто така, се и пратеници изразувајќи надеж дека оваа иницијална соработка се повеќе ќе се развива. Ал Гобаш истакна дека неговата земја дава целосна поддршка на Македонија за влез во Европската унија и оти се надева дека сме ја поминале лекцијата од многу земји претходно. Ал Гобаш рече применувајќи ги тие искуства се надева дека тоа ние што побрзо ќе можеме да го спроведеме.

На средбата Џафери истакна дека Македонија високо го цени присуството на ОАЕ во регионот на Западен Балкан, гледајќи ја позитивната улога на Абу Даби која преку директната хуманитарна и развојна помош ефективно влијае на економскиот раст и благосостојбата на вклучените земји.

Македонија и ОАЕ, посочи претседателот на Собранието на средбата, имаат просперитетна етничка различност и ја споделуваат истата политика на толеранција со цел градење општества во кои се негуваат етничката и верската различност. Притоа, тој го потенцирафактот дека Македонија ги отвори вратите за стотици авганистански бегалци, кои поради состојбите во нивната земја, побараа егзистенцијална заштита во други земји. Тој процес на прифаќање на авганистанските бегалци се уште трае, а притоа се обезбедуваат високи норми на хуманитарното право и се води сметка секој човек да биде соодветно згрижен, за што доби позитивни реакции од САД и останатите наши НАТО сојузници, од Европската унија, но и од сиот мирољубов свет.

Џафери, исто така, посочи дека Македонија високо ја цени конструктивната позиција на Емиратите во напорите за стабилизација во регионот на Блискиот Исток, со цел постигнување траен мир и стабилност во овој регион. Во таа насока, рече тој, го поддржуваме Абрахамскиот договор потпишан во Вашингтон во септември минатата година меѓу ОАЕ и Израел, со посредство на САД, кој дојде како пресвртница во нормализацијата на односите во регионот на Блискиот Исток. Според него, позитивното влијание на Абрахамскиот договор дава големи можности за понатамошна соработка меѓу ОАЕ и Израел.

 

Претседателот на Националниот совет Ал Гобаш, пак, истакна дека верува во мир и толеранција на религиите. Вие како мала земја, додаде тој, можете да живеете во мир. Посочувајќи на состојбата со Израел и Палестина, рече дека војните во светот не даваат добра порака и затоа треба што побрзо да престанат насекаде, да се седне на маса и да се започне со дијалог.

Македонија, додаде претседателот на Собранието, најостро ги осудува сите форми на тероризам и е активна членка на меѓународната коалиција за борба против тероризмот.

-Оттука, добредојдена е експертизата на Хедаја, Меѓународен центар за борба против насилниот екстремизамоснован од ОАЕ, како начин за ресоцијализација на членовите на ИСИС, но и како метод за спречување на насилен екстремизам и исламски фундаментализам, рече Џафери.

Осврнувајќи се на пандемијата со Ковид-19, Џафери рече дека таа остава неизбришлива трага во историјата на целото човештво на планетата. Во тој контекст, се заблагодари за помошта со медицински материјали за нашето Министерство за здравство преку глобалниот одговор за помош од ОАЕ во справувањето со пандемијата COVID-19 обезбедена во ноември минатата година.

Исто така тој се заблагодари и за помошта што Македонија ја доби за поставување и одржување на нашиот Павиљон на Ескпо Дубаи 2020.

Овој настан, рече Џафери, е од особена важност за нашата земја и претставува можност да се претстават економските и туристичките потенцијали пред пошироката светска јавност, а со цел да се зголеми видливоста за потенцијалите и можностите за соработка.

Во собраниската делегација на официјалната посета се и претседателот на Пратеничката група за соработка на Собранието со парламентите на земјите од Блискиот исток и Арапскиот залив, пратеникот Хусни Исмаили, и пратениците Дарко Каевски и Бедри Фазли.

Парламентот на Обединетите Арапски Емирати или Федерален национален совет е воспоставен во 1971 година и го сочинуваат 40 пратеници, од кои половината се жени.

Во рамки на посетата претседателот на Собранието Џафери утре ќе оствари средба со министерот за толеранција и соживот Шеикот Нахјан Бин Мубарак Ал-Нахјан, а потоа заедно со собраниската делегација ќе го посети и Павилјонот на Македонија на „Експо Дубаи 2020”.