Особено сум почестен од веста дека претседателот Зеленски ми го доделува Орденот Јарослав Мудриот, изјави спикерот Талат Џафери.
Тој на Фејсбук напиша дека му претставува чест одликувањето од претседателот на Украина, Володомир Зеленски.
– Особено сум почестен од веста дека претседателот Зеленски со Указ бр. 734/2022 ми го доделува Орденот Јарослав Мудриот за значајни лични заслуги во зајакнувањето на меѓудржавната соработка, поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина, значителниот придонес во популаризацијата на украинската држава во светот. Бев прв државник од Регионот кој го посети Киев зашто бев и сум уверен дека ужасот и последиците од агресијата, но во исто време, храброста и оптимизмот на Украинците се посведочува лично, напиша Џафери.
Тој во април годинава ја посети Украина. Притоа Џафери рече дека лично ќе се залага институциите и граѓаните на Република Македонија да ја пружат сета можна поддршка која што ќе стои на располагање заедно со нашите партнери од ЕУ и меѓународната заедница.