Охридскиот рамковен договор ги постави новите правила на општествената кохезија и подоброто меѓуетничко функционирање, и беше најцврстиот темел врз кој го трансформиравме видливо нашето мултиетничко, мултиконфесионално и мултикултурно општество, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери во обраќањето на свечената академија по повод 20 годишнината од потпишувањето на договорот.

– Издржавме цврсто и се трансформиравме како општество, созреавме како политичари, како граѓани, ни се отворија хоризонтите и успеавме да ја согледаме големата слика пред која стоиме сите заедно, со една заедничка јасна цел пред нас – а тоа е, РС Македонија да биде успешна приказна за напредна парламентарна демократија, современа, сега веќе полноправна земја-членка на НАТО, со надеж набрзо и член на големото европско семејство, меѓутоа над се, дом на сите припадници на различните етнички, верски, културни заедници, дом на сите граѓани! На овој пат, имаме безрезервна поддршка од нашите меѓународни пријатели и стратешки партнери кои беа до нас и го помогнаа концептот и постигнувањето на мирот со отворен и непосреден политички дијалог и се до нас и сега кога ги уживаме резултатите од неопходноста, моќта и ефективноста на Охридскиот договор, рече Џафери.

Рамковниот договор, наведе претседателот на законодавниот дом, ја промени иднината на земјата, беше најдобар патоказ за обезбедување на стабилноста, одржливоста и конструктивниот дијалог, што овозможи Македонија да биде успешна сторија која е пример, не само во регионот туку и пошироко.

– Договорот овозможи и простор за третирање на прашања во однос на почитувањето на правата на сите заедници, правичната и соодветна застапеност, вклучувањето во политичкото и институционалното одлучување и неговата имплементација влијаеше врз подигнувањето на граѓанската свест во насока дека придонесот на секој граѓанин во земјава е еднаков и дека за вистински соживот, заложувањето на секој поединец е повеќе од ценет и добредојден придонес, додаде Џафери.

Псоочи дека основањето на Комитетот за односи меѓу заедниците и серија други институции е реалност која е резултат на помирувањето, меѓуетничкото почитување и соработка.

– Ова што ви се обраќам на албански е реалност и знак дека имаме за што да бидеме горди, меѓутоа, никако да сметаме дека сме ја завршиле домашната задача, затоа што, како што вели и слоганот на манифестацијата – „ПОСЛЕ ОХРИД“, процесот продолжува, предизвиците не се исцрпуваат и нашето патешествие како држава ќе се заокружи тогаш кога ќе ја исполниме и нашата втора стратешка определба и цел, односно, по полноважното членство во Сојузот на НАТО, да почнеме преговори и со Европската Унија, по определувањето на датумот за одржување на првата меѓувладина седница на РС Македонија – Европска унија. И, повторно, ништо не завршува тука! Грижата и обезбедувањето на правата и слободите, се разбира и обврските на секој граѓанин во земјава остануваат сега и засекогаш, прв, втор и последен приоритет на сите нас!, порача Џафери.