Се разгледува можноста првиот круг од претседателските избори да се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај, а изборите да се распишат најдоцна на 8 февруари со што би се испочитувала законската рамка, изјави денеска на прес-конференција собранискиот спикер, Талат Џафери.
Тоа, како што посочи би било во согласност со Изборниот законик, во однос на роковите кои треба да се запазат, односно не повеќе од 90 дена и не помалку од 70 дена од распишување на изборите до денот на нивното одржување. Мандатот на шефот на државата Ѓорге Иванов завршува на 12 мај.
Претседателските избори, посочи Џафери, првично било планирано да се одржат првиот круг на 14 април, а вториот на 28, но со оглед на тоа дека на 28 април е Велигден, направено е поместување на датумите.
Собранискиот спикер напомена дека со оглед на тоа што три општини имаат в.д. градоначалник, во Ново Село поради оставка, а во Дебар и Охрид поради смртен случај, планирано е паралелно со претседателските на истите денови во овие општини да се одржат и избори за градоначалници.
Во однос на можноста за распишување парламентарни избори, Џафери рече дека со оглед на актуелните случувања во државата во однос на активностите за влез во ЕУ и НАТО доколку има избори ќе дојде до престанок на нормалното функционирање на институциите.
-Но, тоа е одлука на политичките партии, доколку одлучат така, тоа е нивно право, додаде Џафери.
Се надева дека до претседателските избори ќе има нов состав на Антикорупциската комисија. Нагласи дека се прават напори да се хармонизира законот за спречување на корупција и судир на интереси, кој има европско знаменце со роковите.