Собранискиот спикер Талат Џафери, денеска имаше проштална средба со амбасадорката на Украина во земјава Наталија Задорожњук.
Како што се наведува во соопштението од средбата, Џафери изрази благодарност за плодната соработка меѓу Собранието и Амбасадата на Украина, како и активниот придонес на амбасадорката за унапредување на севкупните односи меѓу двете држави. Тој ја повтори цврстата и недвосмислена поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници и подвлече дека Македонија се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции кон Руската Федерација. Претседателот воедно упати и честитки до Украина за добивањето на статус земја кандидат за зачленување во Европската унија и ја нагласи нашата подготвеност за поддршка во процесот на евроинтеграцијата.
Амбасадорката Задорожњук, како што се наведува во соопштението, се заблагодари за целосната политичка, економска, хуманитарна и воена поддршка за Украина од Македонија, а особено за личниот придонес на Џафери, кој беше еден од првите претседатели на парламенти и прв висок функционер од Западен Балкан што ја посети Украина во април годинава. Истовремено, таа упати благодарност и за „Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, што ја усвои Собранието на Македонија. Амбасадорката го информираше претседателот на Собранието за тековната состојба во Украина, а се осврна и на зголемувањето на економската соработка и трговската размена меѓу Македонија и Украина, како и проширувањето на договорно-правната рамка меѓу двете земји, во рамките на нејзиниот мандат.
Џафери и Задорожњук се согласија дека Македонија и Украина имаат многу добри билатерални односи, а во последниве години значајна динамика имаше и меѓупарламентарната соработка. Имајќи го предвид огромниот потенцијал за меѓусебна соработка на различни полиња, тие изразија надеж дека во најскоро време ќе бидат создадени услови за натамошно унапредување на блиските односи и соработка.
Претседателот Џафери изрази уверување дека и во иднина ќе продолжи поддршката и соработката со амбасадорката Задорожњук, која е долгогодишен и докажан пријател на Македонија. Тој ѝ врачи на амбасадорката Признание за нејзиниот придонес и ѝ посака успех во исполнувањето на новите должности.