На 18 добив решение на моето барање дека може и позитивни пратеници да дојдат на работа. Решението е потпишано од Комисија за заразни болести односно д-р Жарко Караџовски. Останувам на тоа дека не е направен никаков прекршок со доаѓањето на двајцата пратеници во скафандер во Собранието, изјави вечерва претседателот на Собранието Талат Џафери на Канал 5.

Ова е наводната изјава на Џафери на Канал 5 што ја пренесоа повеќе медиуми вечерва. Но, Џафери во ниту еден момент не ја цитира од одговорот што го добил од Караџоски дека се дозволува позитивни пратеници да гласаат. Тој испратил барање на 17 номеври, а тврди дека на 18 ноември добил одговор потпишан од Караџоски, цитираше и архивски број, но не и содржината. Така што останува дилемата дали Караџоски потпишал дека позитивен граѓани на РМ може да излезат од дома и да одат на работа?

Џафери истакна дека бидејќи тоа е сега во надлежност на ЈО по поднесените кривични пријави, нема да изнесува елементи од одговорот што го добил од Караџоски. Ако во тој договор стои дека пратеник може да излезе оддома, прашање е врз кој основ Караџоски го дозволил тоа? Пред тоа, Џафери изјави:

-Добив акт за процедурата во посебни простории. Суспектните лица односно пратеници доколку чувствуваат дека се во можност да дојдат Собранието, можат да го направат тоа доколку им обезбедат услови. Тое значи да дојдат со свое возило или службено возачот да биде целосно заштитен, потоа пратеникот се доведува во Собранието, од таму по посебна патека без контакт со никого доаѓа во посебна просторија која потоа ќе се дезинфицира. Опозицијата тогаш не одеше на комисии и не знаеа дека има дополнување на протоколот, рече Џафери.

Во врска со вакцинирањето на пратениците тој изјави дека кај нив има голем интерес да се вакцинираат и оти очекува работата на парламентот да се нормализира кон средината на мај.

– Две третини од пратениците се вакцинирани до 16 часот. Немам информации уште колку се вакцинирале до 18 часот. Но, интересот за вакцинација кај пратениците е голем, вели Џафери.

Тој не сакаше да ја коментира изјавата на пратеникот Павле Трајанов дека меѓу парламентарците „постои разочарување“ што биле вакцинирани со „Спутник В“, а им било ветено дека ќе добијат вакцини од „Фајзер“.

– Нема такво ветување. Важно е вакцините да се ефикасни. Не треба да се политизира имунизацијата, нагласи Џафери, на прашањето дали се согласува што е вакциниран со руската „Спутник В“.

Џафери потенцира дека иако на пратениците им било понудено да се имунизираат порано, тие го препуштиле својот ред на ризичните групи. Во Собранието прво биле вакцинирани собраниските служби оти двајца вработени во службите починале како последица на Ковид-19.

– Очекувам работата на Парламентот да се нормализира кон средината на мај. Да се вратиме во нормални услови за работа, во салата предвидена за пленарни седници каде има систем за електронско гласање, вели Џафери.

Тој го повтори уште еднаш ставот дека двајцата пратеници во скафандер гласале оти тоа им го овозможува Протоколот за работа на Собранието подготвен од Комисијата за заразни болести.

Џафери посочи дека за време на пандемијата многу европски парламенти се одлучиле да работат онлајн и тој сакал да биде воведено вакво работење и на нашето Собрание, па затоа подготвил Предлог-Деловник, но по 3000 амандмани поднесени од опозицијата, тој го повлекол својот предлог.