Македонија е силно посветена на имплементирањето на агендата „Жени, мир и безбедност“. Како активна земја членка на НАТО, го поддржуваме имплементирањето на оваа политика низ трите основни цели на Алијансата, а го усогласивме и нашиот Национален акциски план со сродните иницијативи, посочи денеска техничкиот премиер Талат Џафери за време на Меѓународниот форум за жени, мир и безбедност што се одржува во Приштина во Косово.

Тој потенцираше дека во Македонија суштински се имплементираат трите принципи на интеграција, инклузивност и интегритет во секојдневната работа и во политиката.

-Суштината е она што секојдневно нѐ води при носењето на политичките одлуки кои имаат една единствена цел, а тоа е да ги исполнуваат стандардите за постигнување на родова еднаквост. Легислативата е исклучително значаен дел од тој процес, затоа што ја дава рамката со која се обезбедува застапеноста. Таков е вториот Национален акциски план (НАП) на С. Македонија за имплементација на Резолуцијата 1325 усвоен во 2020 година, како петгодишен стратешки план за постигнување на вистинска родова еднаквост, интеграција и транспарентност на национално ниво, рече Џафери.

Тој напомена дека родовите теми во Македонија во голема мера добиваат простор и стануваат еден од приоритетите преку реформите, кои Владата почна да ги имплементира во 2017 година и непосредно пред полноправното членство во НАТО.

-Тие реформи, се случија пред сѐ во начинот на кој размислуваме за родовата димензија и ја инкорпорираме во секоја политика. Без разлика дали тоа претставува Истанбулската конвенција, социјалната реформа, Едно општество за сите и серија други политики кои ги имплементира нашата Влада, или пак фокусот се насочува кон жените во безбедносниот сектор, заедничка цел на сите нив е целосна инклузија, со овозможување на простор кој води до реална родова рамноправност, рече Џафери.

Како што подвлече, Агендата за жени, мир и безбедност беше еден од приоритетите за време на претседавањето на државата со ОБСЕ минатата година. Со цел афирмирање на ваквата политика, потенцираше, се организираа повеќе настани на највисоко ниво на оваа тема.

-Можам да кажам дека ние сме позитивен пример. Министерството за одбрана на С. Македонија го води одлична министерка, на која и претходеше исто така друга извонредна министерка за одбрана. Претседателот на државата има аѓутантка, а постигнат е и значителен напредок во бројот на жени застапени во Армијата, чијшто број се има удвоено во последниве десет години. Во истото Министерство, од вкупниот број вработени административни службеници на раководни позиции, 49 проценти се жени. Имаме осум жени со чин полковник, што е бројка која до пред една декада беше нула, или еден, рече Џафери.

Според Џафери, војната во Украина е силен потсетник за неопходноста од активното вклучување на жените во сите области за спречување конфликти и во заложбите за градење на мир, стабилност и безбедност. Нивниот придонес, како што рече, е неопходен и во адаптирањето на политиките кон новата реалност.

-Токму затоа, ние, како кредибилна членка на НАТО, го поддржуваме пристапот на Алијансата да се даде поголемо значење на политиката за Жени, мир и безбедност. Тоа значи поголемо претставување и учество на жените во цивилните и воени операции и мисии на НАТО, но и поголема промоција на родовата еднаквост како израз на нашите заеднички демократски вредности, додаде Џафери.

Фото: Влада на Република Македонија