Договорот од Преспа секако дека е жив. И двете страни, и поранешната југословенска Република Македонија и Грција, се решени да се борат за договорот да стапи во сила, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Њуз247”.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ѕанакопулос го повтори ставот на грчкото МНР дека резултатот од референдумот е контрадикторен, но додаде дека „ако не греши референдумот имаше поголема излезност од на пример излезноста на претседателските избори”.

– Мислам дека е во апсолутно правилна насока иницијативата на господинот Заев, дискусијата да ја пренесе во Собранието и да се обиде да го формира потребното мнозинство за уставната ревизија. Ние тесно ги следиме случувањата, ја поддржуваме иницијативата на господинот Заев, го поддржуваме обидот да го промени Уставот за да може и грчката Влада да го ратификува договорот за да стапи во сила, рече портпаролот на грчката Влада.

Во однос на позициите на владиниот коалициски партнер, Панос Каменос,  Ѕанакопулос објасни дека не постои причина за загриженост за иднината на Владата.

– Пред неколку дена господинот Каменос се сретна со премиерот и рекоа дека прашањето со договорот од Преспа, во однос на парламентарниот аспект, одново ќе го разгледаат во март, објасни Ѕанакопулос.

За информациите дека Нова демократија, можеби повторно ќе достави иницијатива за гласање недоверба на Владата поради договорот од Преспа, Ѕанакопулос рече дека со сигурност може да каже дека и таа иницијатива, опозициската партија „ќе ја загуби, како што ја загуби во јуни”.