Поранешен советник на екс-американскиот претседател Џорџ Буш остро го искриктикува поранешниот претседател Барак Обама за неговата наводна „мека“ политика кон Русија во однос на вмешаноста во изборите.

Критиката доаѓа по објавувањето на преработениот извештај на специјалниот обвинител Роберт Малер во кој се откриваат детали за руското мешање во американските избори во 2016 година.

-Една работа не може да се оспори: поранешниот претседател Барак Обама се покажа во многу лошо светло, истакна Скот Џенингс, екс специјален помошник на Буш и поранешен советник во кампања на сенаторот Мич Меконел во колумна за Си-Ен-Ен.

Тој додава дека Русите слободно се вмешале во американската демократија, а администрацијата на Обама не сторила ништо околу тоа.

Според извештајот на Малер, објавен во четвртокот, истрагата утврдила дека „повеќе поединци поврзани со руските власти биле во контакт со поединци од кампањата на Трамп“ но се истакнува дека „не постојат доволно докази за покревање кривични обвиненија“.

Во извештајот истражителите укажуваат дека „не може да се утврди дека членови на кампањата на Трамп ковале заговор или се координирале со руските власти во нивната активност за поткопување на изборите.“

Сепак, извештајот посочува дека напорите на руските власти да се вмешаат започнале многу порано, поточно во 2014 година, за време на вториот мандат на Обама. Поранешниот американски претседател сега е критикуван од многумина аналитичари републикански политичари за наводната неиницијативност на неговата админстриација да спречи руско мешање.

Во сличен тон, Републиканскиот национален комитет (РНЦ), го нападна Обама дека не сторил „апсолутно ништо“. Во четвртокот слично се изрази и претседателот Доналд Трамп на Твитер дека на Обама „му било кажано (за руската вмешаност) но не направил ништо“.

Џенингс наведува дека „извештајот на Малер недвосмислено укажува дека Русија започнала да се меша во 2014 година. Во текот на следните две години овие мерки прераснаа во добро организирана кампања да се вмешаат во претседателските избори во 2016 година. Администрацијата на Обама знаеше за ова но сепак не стори ништо“.

Поранешниот советник на Буш истакнува дека Обама бил „мек“ со Путин бидејќи се фокусирал само на нуклеарниот договор со Иран.

-Обама сакаше Путин да биде дел од договорот кој можеше да се поткопа ако тој покажаеше одлучни намери за спречување на мешањето во изборите. Според Џенингс, ова била катастрофална политичка одлука. Но и кога Обама одлучил да ја казни Москва со санкции, „тоа било предоцна и со неефективни мерки“.

Додава дека заклучоците на Малер „го распрснаа меурот“ со сознанието дека навистина не постои поврзаност на Трамп со Русија.

Прашањето кое сега се поставува е „зошто воопшто била измислена теоријата на заговор. На увид е приоритетот на Обама да негува односи со Путин поради Иран занемарувајќи ја руската вмешаност во изборите која траела најмалку две години“.

Општо земено, многумина американски аналитичари го критикуваат претходникот на Трамп за генерално меката политика кон Русија во текот на неговото претседателствување, на пример за тоа дека под негово раководство „Путин многу лесно го добил Крим“.