Американскиот претседател Џо Бајден денеска го пречека францускиот претседател Емануел Макрон во Белата куќа, каде ќе прослават повеќе од 200 години американско-француски односи.
Ова е прва државна посета на Макрон на САД откако Бајден ја презеде функцијата претседател на САД на почетокот на 2021 година.
Бајден и неговата сопруга Џил ги поздравија Макрон и неговата сопруга Брижит со прегратки, бакнежи и насмевки.
Двете двојки, кои вчера имаа неформална вечера, денеска учествуваа на церемонијата на која беа ангажирани воена почесна гарда и колонијален бенд, а беа интонирани националните химни.
– Франција е нашиот најстар сојузник, наш верен партнер во слободата, истакна Бајден, поздравувајќи ја „трајната сила и виталноста на големото пријателство меѓу Франција и Соединетите Американски Држави“.
Макрон рече дека двете нации треба повторно да станат браќа по оружје по рускиот напад на Украина и партнери во заштитата на демократиите од двете страни на океанот.
– Нашите нови граници се тука и наша заедничка одговорност е да одговориме на тоа, посочи францускиот претседател.
Планирана е заедничка прес-конференција по официјалните разговори меѓу Бајден и Макрон.
Емануел Макрон и сопругата Брижит вчера пристигнаа во Вашингтон во својата втора државна посета на САД од преземањето на функцијата во 2017 година.
Бајден (80) и Макрон (44) одржале многу средби на меѓународни собири, но ова ќе биде првпат да поминуваат многу време заедно.
Макрон и неговата сопруга беа почестени со раскошна државна вечера, со 200 јастози нарачани од Меј, специјално за оваа пригода.
Меѓу подароците што ги донесе Макрон беше винил и ЦД верзија на оригиналната партитура за филмот на Клод Лелуш од 1966 година „Еден маж и една жена“, филмот што Џо и Џил го гледале на нивната прва средба, соопшти Елисејската палата.
Двајцата лидери синоќа вечераа во италијанскиот ресторан Фиола Маре во историскиот дел на Џорџтаун, што беше гест на љубезност од домаќинот