International Business Times/ AFP
Потсетувајќи се на терористичките напади од 11 септември 2001 година, Џозеф Дитмар малку се смее, малку плаче. Тој се справува со траумите со тоа што често зборува за тоа како слегол по скалите од 105 -от кат на јужната кула на Светскиот трговски центар непосредно пред да се урне. Неговото спуштање по тие 105 ката, на кои фотографски се сеќава 20 години подоцна, е како трагичен еп.
Татко на четири деца, тогаш 44, кој беше на состанок на осигурителите во просторија без прозорци во јужната кула на СТЦ кобниот ден, својот живот го должи на одлуките што ги донесе во дел од секунда.
Кога првиот киднапиран авион се урна во северната кула на СТЦ, само затрепкале светлата во просторијата.
Негодувајќи заради повикот за евакуација, од 90-от кат, до првиот прозорец, видоа дека драмата се одвива во северната кула.
„Тоа беа 30, 40 најлоши секунди во мојот живот“, вели Дитмар. Неговите колеги беа „како хипнотизирани“, но тој веднаш одлучи да замине.
Во тоа време живеел во Чикаго, а роден е во Филаделфија, па со насмевка се сеќава како мислел: „Секој пат кога доаѓам во овој град, нешто се случува!“.
Се вратил на скалите, почнал да се спушта и налетал на колегата, поранешниот играч на американски фудбал Лудвиг Пикаро.
Дитмар се сеќава дека една колешка над него му викала на 78 -ми кат да се симне со лифтот долу на приземје.
Но, тој се сетил дека лифтови се забранети да се користат во случај на пожар. Продолжил по скалите, и тоа била најдобрата одлука во неговиот живот.
Како може некој да биде толку храбар?
И покрај стравот, Дитмар се сеќава дека луѓето си помагале едни на други што беше неверојатно, како еден маж кој не се двоумеше да носи жена со попреченост на грб.
Но, солзи му потекуваат во очите кога се сеќава на „вистинските херои“ од тие 50 минути спуштање.
Почнувајќи од пожарникарите и спасувачите со кои се разминал на 31-от кат, кои се искачувале за да се обидат да спасат нечиј живот.
„Нивниот поглед зборуваше дека знаат дека се е изгубено“, вели тој.
„Како може човек да биде толку храбар? Како можеш да бидеш толку силен? “
На 15 -ти кат, обезбедувањето ги евакуираше луѓето шегувајќи се и пеејќи во мегафонот God Bless America.
„Пееше ужасно лошо, но сакаше да ги опушти луѓето … Како капетанот на Титаник кој му рече на оркестарот да свири додека луѓето се качуваат на чамците за спасување”.
Дитмар излегол надвор,се оддалечил на неколку минути пешачење од СТЦ, а јужната кула потоа се урнала. Илјадници луѓе врескаа ужасно во исто време, а тој се уште го слуша тој крик „секој ден“.
Продолжи да зборуваш
Дитмар ја раскажа својата приказна стотици пати, пред студентите од целата земја, и тој не се откажува.
„Тоа е моја терапија“, рече тој.
Споделувајќи ги своите спомени и емоции без ограда, тој ги избегнува кошмарите, посттрауматското стресно нарушување и вината што преживеал.
Со тетоважа „911“ на неговиот зглоб, значка со кули близначки на јаката и камен за медитација во џебот, 11 септември го следи насекаде „како сенка“, рече тој.
Тој направи многу пријателства, со други преживеани и роднини на исчезнатите.
„Првиот пат кога не знаете што да им кажете. Но, кога ќе им кажете за тој краток момент кога го видовте нивниот ближен на 90-от кат, оживејте го… И станувате пријатели, пријатели доживотно”.
Дитмар, кој се уште работи за осигурителната компанија, стана обожавател на Њујорчани.
„Тие се изненадувачки отпорни, не се плашат од ништо … Научив да ги сакам“.
Пандемијата го потврди тоа.
„Тоа беше град на духови, а сега многумина се надвор. Бидејќи градот рече: „Нема да дозволиме да не уништат“.
Исто така, самиот се борел со коронавирусот. Бидејќи бил дијабетичар, почнал да се храни здраво и да пешачи пет километри дневно. Ослабна 23 килограми.
„Пандемијата, како и 11 септември, ме промени … си реков: морам да живеам подобро“.